Според извештајот што ја проследува анкетата на ИРИ, ВМРО-ДПМНЕ има доверба кај 27 отсто од испитаниците, со што би освоила меѓу 55 и 59 пратенички мандати, додека најголемата опозициска партија СДСМ ја ужива довербата на 16 проценти од анкетираните граѓани, што и гарантира од 29 до 31 пратеник во Собранието.
Што се однесува до рејтинзите на политичарите, премиерот Никола Груевски повторно е најпопуларен политичар со 17 отсто, лидерот на опозицијата Бранко Црвенковски има 9 проценти, додека соодносот кај албанските политичари изнесува 8 отсто за лидерот на владејачката ДУИ, Али Ахмети, наспроти два процента за претседателот на опозициската ДПА, Мендух Тачи.
Според анкетата на ИРИ, и натаму останува висока поддршката на граѓаните за членство на земјата во НАТО и ЕУ. За влез во НАТО позитивно се изјаснуваат 91 отсто а 6 отсто се против, додека, пак, за членство во ЕУ – 87 отсто се „за“ а 9 се „против“.
На прашањето дали Република Македонија е поблиску до ЕУ и НАТО денес или пред четири години, 48 проценти од анкетираните сметаат дека во моментов е поблиску а 31 процент се изјасниле дека пред четири години државата била поблиску до евроатлантските структури.
На прашањето дали Владата има план за излез од светската економска криза, како што се прави споредба во извештајот ако пред три месеца 32 отсто од граѓаните се изјасниле позитивно, сега таа бројка е зголемена за пет отсто, или 37 отсто од испитаниците одговориле потврдно.
На прашањето дали во следните две години Владата очекува подобрување на економската состојба, 28 отсто од испитаниците одговориле потврдно, што е 5 отсто повеќе отколку во претходното истражување, кога тој број изнесувал 23 отсто.
Анкетата е спроведена од 7 до 13 декември 2010 година на репрезентативен примерок од 1.108 испитаници.
извор:„Макфакс“