Исечени се дрва во паркот пред хотелот „Инекс Олгица“ во месноста Горица 2. Неформалното еколошко движење „Чист Охрид“ објави фотографии од сечата на социјалните мрежи, што предизвика реакции и коментари, од тоа зошто се сечат дрвјата, дали за тоа има дозвола, дали истите ќе се заменат како што налага законот…

Фото „Чист Охрид“ – Фејсбук

Од хотелот „Инекс Олгица“ информираат дека се работи за превентивна сеча од безбедносни причини на четири кедери и три бора, кај коишто е настанато сушење од вррвот на дрвото, што било констатирано од надлежниот инспекторат и комисија при локалната самоуправа, а може да се види и од објавените форографии.

Хотел „Инекс Олгица“: Исечени се само небезбедни дрвја

Од хотелот „Инекс Олгица“ појаснуваат дека се исечени само дрвјата кои соодветно биле обележани од службени лица, согласно Решението издадено од надлежната општинска комисија уште во месец јуни оваа година, а сечата е извршена сега за да не биде во главната туристичка сезона.

Oд „Инекс Олгица“, уште  информираат дека континуирано водат грижа за зеленилото и дрвјата околу комплексот и постојано вршат засадување на нови дрвца во нивниот парк за да се зачува препознатливиот амбиент на овој простор.

„Секое укажување, сугестија, пофалба и критика од поединци и групи, транспарентно ги објавуваме. Точно заради тоа, а пред се во интерес на вистината ги демантираме коментарите кои се однесуваат на отстранувањето на дрва посебно оние кои сметаат дека тоа се прави незаконски. Наша должност како одговорен менаџерски тим е точно да ја информираме јавноста дека отстранувањето на дрва се изведува согласно сите законски прописи, со уредно добиени решенија од надлежните. Дел од дрвата во нашиот парк се стари и небезбедни за нашите гости и бројните минувачи кои често се рекреираат околу нашиот хотелски комплекс. Затоа побаравме стручно мислење за што добивме и соодветно решение. Како јавноста би имала комплетна слика одговорно тврдиме дека за нашето хортикултурно уредување на хотелот се гризи стручен тим кој постојано го обновува паркот со нови садници бидејки нашиот амбиент е специфичен.“-стои во информацијата од хотелот „Инекс Олгица“, а по повод сечата на дрвја во паркот пред туристичкиот комплекс во месноста Горица 2.

OhridNews