Јавното претпријатие Билјанини извори денеска е исклучено од електро мрежата. Од „ЕВН“ за “OhridNews“ ја потврдија информацијата, појаснувајќи дека струјата во „Билјанини извори“ е исклучена поради неплатен долг.
-Претходно беше постигнат договор за начинот на подмирување на долгот кој јавното претпријатие го има кон „ЕВН“ но истиот не беше испочитуван од другата страна, поради што е прекинато снабдувањето со електрична енергија.-информираат од „ЕВН“.
Од ЕВН уште додаваат дека компанијата е отворена за разговор со цел да се изнајде решение за проблемот, но посочуваат дека долгот кој го има ЈП „Билјанини извори“ мора да се плати.
Електричната енергија во ЈП „Билјанини извори“ во два наврати беше исклучена и минатата година во јуни и ноември, а по постигнат договор за сервисирање на милионскиот долг јавното претпријатие повторно беше приклучено на електро мрежата.
Како што дознаваме, во тек се преговори за надминување на проблемот.
Во спортската сала „Билјанини извори“ тренираат и одржуваат натпревари бројни екипи од градот. Засега не е откажан ниту еден од најавените натпревари.
OhridNews