Неформалната организација „Чист Охрид“ вчера ја одржа својата седма акција, овојпат на две локации.
Од „Чист Охрид“ тврдат дека иако имало акција за чистење на поранешниот полигон за мали спортови од непознат организатор, истата не била спроведена најдобро, па волонтерите ја исчистиле повторно оваа локација, од каде била собрана поголема количина отпад. Акцијата ја поддржале волонтери од НВО Опција – Охрид, со специјални кутии за складирање на медицински отпад.
Дополнително младите волонтери го чистеа и просторот од плажата кај Центарот за обука на вода.
-Најдени беа пластични предмети, како и амбалажа од шампони, што укажува на тоа дека граѓаните на несоодветен начин се капат во езерските води и со тоа исклучително штетно влијаат на живиот свет во езерото. На еден од тревниците беше пронајдено и мртво маче, што не е прв случај во рамките на акциите на „Чист Охрид“ и затоа апелираме да престане насилството врз животни и нивно труење. – велат од Чист Охрид.
И на оваа локација биле пронајдени неколку употребени шприцеви, кои биле складирани во соодветен сад. Младите екологисти апелираат до надлежните да се исчистат плажите каде често доаѓаат семејства со мали деца, за да се избегне опасност од инфекција и други тешки последици по здравјето на луѓето.
Во вчерашната акција собрани биле петнаесетина вреќи различен отпад.
OhridNews