Надоместокот за припадниците на безбедносните сили, кои учествуваа во акцијата за разбивање на терористичката група во Куманово, им е исплатен, објави „Утрински Весник“. Семејствата, чии домови беа разурнати во полициската акција, ќе почекаат уште малку за да се комплетира постапката, потврдиле вчера за весникот од Владата на Република Македонија.

„Надоместокот за припадниците на безбедносните сили, кои учествуваа во акцијата, за семејствата на загинатите полицајци, и за ранетите и повредени полицајци е веќе исплатен“, изјавил владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.

Што се однесува до штетата на имотот во Куманово, Ѓорѓиев вели дека станува збор за обемен процес, но оти во финална фаза е изработката на извештајот на комисијата за проценка на оштетувањата, по што треба да биде доставен до Владата.

„Евидентирани се и семејствата на кои треба да им се исплати еднократна првична хуманитарна помош од 100.000 денари и во моментот се работи на комплетирање на нивните трансакциски сметки, по што би започнало со исплатата“, тврди Ѓорѓиев.

Покрај финансискиот надомест од 70.000 евра за семејствата на осумтемина загинати полицајци, Владата одлучи да ги награди сите припадници на МВР што учествуваа во дводневните битки. На секој член на Единицата за специјални задачи, Единицата за брзо распоредување, како и на хеликоптерската единица му е доделен надомест од 10.000 евра. Двојно помало обесштетување беше одредено за припадниците на Посебната единица на полицијата, а МВР требаше да достави предлог за висината на надоместот за припадниците на редовниот полициски состав. И на медицинскиот персонал ангажиран во време на полициската акција во Куманово им е одредена награда во висина од една месечна плата.

Семејствата чии домови беа оштетени, ќе добијат еднократна финансиска помош од 100.000 денари. Ќе им се обезбеди сместување во време на периодот потребен за санација на нивните домови, или, пак, ќе добиваат пари за кирија. Формирана е Комисија од претставници на Владата и на Општина Куманово, за проценка на оштетувањата на имотот каде што се одвиваше акцијата, која имаше рок од седум дена ќе достави извештај. Ќе се изврши обесштетување во висина од 100 проценти од направената штета, ветија во Владата.

Во речиси триесетчасовните борби, животот го загубија осум полицајци, а 37 беа повредени. Убиени се 10 напаѓачи, додека 28 се предале и веќе се во притвор. Според МВР, разбиена е една од најопасните терористички групи на Балканот, предводена од петмина косовски државјани.

OhridNews

Извор:„Утрински Весник“