Жител на охридско село, на кого му биле одземени 4 метри квадратни земја за изградба на патот Кичево-Охрид, останал незадоволен од понудата на државата да му исплати по 550 денари за метар квадратен или 2,200 денари вкупно, па како еден од стотиците незадоволни граѓани чии имоти биле одземени, побарал судот да ја утврди цената. Бил ангажиран вештак, кој проценил дека имотот вреди по 20 евра, двојно повеќе од понуденото. Судот, по неколку одржани рочишта му определил 4.800 денари надомест, а досудил и трошоци во судската постапка од 30.000 денари, што е 8 пати повеќе од вредноста на спорот.

Овој предмет не е единствен каде што судските трошоци повеќекратно ја надминале вредноста на спорот, а со тоа, само за судски трошоци, адвокати, вештаци и жалби биле потрошени околу 5 милиони евра, или една третина од над 15 милиони евра, колку што вкупно исплатило ЈП за Државни патишта во периодот 2014-2020 година, за одземеното земјиште за изграба на патот од Кичево кон Охрид, се наведува во истражувањето на Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија, објавено денеска.

Државата, преку утврдување на вредноста на земјиштео утврдено од вештаци од државното Биро за судски вештачења, понудила суми од 30 до 100 денари за метар квадратен во кичевскиот дел, до околу 10 евра по квадрат, во охридскиот крај, кој е близу и до езерото.

За потребите за изградба на автопат А2 делница Кичево – Охрид, од 2014 година досега се експроприрано 7. 563. 567, 5 m2 земјиште во државна сопственост и во сопственост на физички и правни лица. Во експроприраната површина влегуваат експропријацијата за потребите на изградба на траса, одлагалишта, косини, клучки, пристапни патишта, како и проширување на косини. Постапката за експропријација за трасата, одлагалишта, косини, клучки и за 6 проекти од проширување на косини е завршена. Останува да се експроприра земјиштето од дополнителните косини – одговори ЈП за Државни патишта на прашањето, колкаво земјиште било одземено за изграба на патот Кичево – Охрид, за потребите на ова истражување.

ЗА НАД 3 ИЛЈАДИ ТУЖБИ ИСПЛАТЕНИ 15,5 МИЛИОНИ ЕВРА ОД 2014 ДО 2020
Многу по ретки биле тие граѓани кои се спогодиле во управната постапка со државата, бидејќи 3.043 граѓани на Охрид и Кичево, решиле правдата да ја бараат на суд, за, како што предвидува законот, судот да определи правичен надомест по пазарна цена. Прво се носи решение за експропријација на земјиштето, кое исто така може да се оспорува пред Управниот суд, па им се нуди одредена цена. Ако граѓаните не ја прифатат понудата, предметот оди на суд.

Почнувајќи од 2014 година од страна на надлежните Државни правобранителства Охрид и Кичево се поднесени вкупно 3.043 предлози за експропријација (од страна на Државно правобранителство Охрид 2412 предлози, а од страна на Државно правобранителство Кичево 631 предлог). Постапките за определување на надоместок за експроприрана недвижност за потребите на изградба на автопат А2, делница Кичево-Охрид се водат пред Основен суд Охрид и Основен суд Кичево –покажува статистиката на државното претпријатие за патишта.

Најголем дел од постапките за определување на надоместок за експроприрано земјиште завршуваат пред Основните судови- велат од ЈП, иако податоците на апелационите судови во Битола и Гостивар покажуваат дека тие биле заплиснати со жалби од државните правобранители, а не бил мал бројот и на жалби од адвокатите кои биле незадоволни од досудените трошоци во првостепените постапки. Најчесто жалбите на државата биле одбивани, а адвокатите добивале зголемени судски трошоци.

Јавното претпријатие за државни патишта, од 2014 до средината на декември 2020 година, платило речиси 15,5 милиони евра за експропријација на земјиштето за изградба на патот Кичево Охрид, во случаите каде што сопствениците не се согласие со понудената цена од странна државата во управната постапка и барале судот да определи надомест, според реална, пазарна цена како што предвидел законот.

Од овие над 15 милиони евра платени по завршување на судењата, над 5 милиони евра се исплатени за судски и адвокатски трошоци за над 3.000 постапки кои се воделе пред основните судови во Кичево и Охрид и пред Апелационите судови во Битола и Гостивар, покажа истражувањето што го спроведовме за водени судски постапки и исплатени пари од 2014 до крајот на 2020 година во вонпарнична постапка.

Во оваа сума од 15,5 милиони евра не се влезени околу милион евра исплатени во парнични постапки, каде што се барале штети за уништена шума, родни дрвја, како ореви, круши, сливи, лозја и за кои, покрај ЈП за државни патишта, биле тужени градежните компании кои работат на патот, бидејќи направиле штети и на друго земјиште, надвор од границите утврдени за изградба на патот, имот кој не бил експроприран претходно.

Исплатени експропријации за изградба на автопат Кичево – Охрид по години и вкупно:

2014 – 54.912.412,00 ден

2015 – 104.916.667,00 ден

2016 – 18.185.375,00 ден

2017 – 43.938.922,00 ден

2018 – 237.875.110,00 ден

2019 – 289.887.621,00 ден

До 15.12.2020 – 192.362.539,00 ден

Вкупно: 942.078.646,00 ( 15.318.351,00 евра ) 1 евро 61.5 мкд

*ЈП не располага со посебен податок за исплатени судски трошоци од наведената збирна сума. Сумата од 5 милиони еврае пресметана со увид во предмети и утврден просек – се наведува во истражувањето.

Како што се гледа од табеларниот приказ, најмногу пари биле исплатени во 2019 година, речиси 290 милиони денари, по што следуваат 2018 година со 238 милиони денар, над 192 милиони денари во последнава 2020 година. Најмалку пари се исплатени во 2017 година, околу 44 милиони денари, но нема податок на што се должи фрапантниот скок на исплати во 2017 година.

БИРОТО ЗА СУДСКИ ВЕШТАЧЕЊА ШКРТО ПРИ ОДРЕДУВАЊЕ НА ЦЕНАТА НА ЗЕМЈАТА
Ова истражување покажа дека државата можела да заштеди најмалку 5 милиони евра кои се фрлени за адвокатски и судски трошоци, ако покажела минимум воља за договор со сопствениците на земјиштето, кога станало јасно дека вештаците што ги ангажирале судовите, ја проценуваат земјата по 10 до 20 пати повисоко од проценката на Бирото за судски вештачења, кое на места на патот Кичево-Охрид, проценило дека еден метар квадратен чини 10, 30 или 50 денари.

Мене ми е навистина жал, што за голем дел од земјиштето носев одлуки да се одземе за цена од 100 или 150 денари, колку што чини и една кутија цигари, но немав начин за друго пресудување, зашто првата процемка на државата беше дека тоа земјиште вреди само 30 денари- изјави еден од судиите во основните судови штоработеа на овие предмети, во рамки на нашето истражување.

Според него, тие биле свесни дека земјата вреди повеќе, но немале репер за споредба, бидејќи на тој дел од трасата, пред одземање на земјиштето, немало продавање – купување на земјиште, за што би имало докази кај нотарите и во УЈП, па од таму да се формира цената.

Судовите во Кичево и Охрид, биле затрупани со тужби, бидејќи не е мала бројката од над 3 илјади вонпарнични предмети само по еден основ.

Секој кој тужел и добил, бидејќи судовите ги прифаќале вештачењата од приватни лиценцирани вештаци, кои биле ии над 10 пати повисоки од проценката за висината на надоместокот за одземеното земјиште што го пресметало Бирото за Судски вештачења, како државен орган. Апелационите судови зазеле став дека не треба да се прифаќаат цените на Државното биро, бидејќи истите се направени за потребите на управната, а не за судската, вонпарнична постапка.

АДВОКАТИ И ВЕШТАЦИ ЗАРАБОТИЛЕ НА ШТЕТА НА ДРЖАВАТА КОЈА НЕ САКАЛА ДА СЕ СПОГОДУВА
Правобранителот доставувал вештачење од Бирото, а судот морал да ангажира друг лиценциран вештак. Секогаш вештачењата биле различни, а кога биле повикувани вештаците од Бирото за судски вештаци да се усогласат со вториот вештак во судница,тие не доаѓале, па поради нив се одлагале судењето. На крај, ги известиле судовите дека остануваат на писмените проценки дадени претходно, Ако вештаците не се усогласеле меѓу себе, се одело на супер вештачење кое достигнува и до 1.000 евра.

Тарифата на адвокат за едно судење за овие предмети е од 8.500 до 11.000 денари, што ја прави постапката скапа. Секако, се плаќаат и одложените судења. Дел од судиите не им досудувале цел износ кога биле одлагани судењата поради не доаѓање на вештаци, но апелационите судови ги прифаќале нивните жалби и им тарифирале цела сума според адвокатска тарифа.

Ова е само еден пример од пресуда водена пред основен суд, каде што се барала штета за уништени насади.

За бесправно исечени три ореви, надвор од трасата, кичевскиот суд определил надомест од 252 илјади денари, како и судски трошоци од над 1.200 евра. Оревите биле стари од 15 до 25 годдини и високи над 15 метри, во полна родност. Нив ги уништила компанија подизведувач, без за тоа да бара согласност од сопственикот, а биле на земја покрај патот, која не била одземена.

РАЗЛИЧНИ СУДОВИ РАЗЛИЧНО ДОСУДУВАЛЕ ЗА ИСТА РАБОТА
Сепак, и на судовите од 2014 година, кога почнале да пристигнуваат тужбите, не им било се јасно, па Апелациониот суд во Битола зазел став дека земјиштето треба да се плаќа како градежно, затоа што е наменето за изградба на пат, додека АС Гостивар под чија надлежност е кичевскиот суд имал став дека земјиштето треба да се плати како земјоделско, односно, во таа категорија во која било запишано во Катастарот во време на одемање на истото за изградба на патот.

Ова, битно правело разлика, зашто, ако е земјоделско, проценката ја правел земјоделски вештак, а кај градежно – градежен вештак. Секако, различна била и цената што се утврдувала.

По неколку обиди и меѓусебни состаноци, да ја усогласат судската пракса, битолскиот суд под чија надлежност е судот во Охрид и постапките што се водат за охридскиот дел од патот, останал на ставот дека треба да се досудува надомест како за градежно земјиште.

Со ваквиот став не се согласувале ниту Апелационите судови во Штип и Скопје, па целата работа завршила пред Врховниот суд, кој донел начелно правно мислење дека треба да се суди по ставот на Апелациониот суд во Гостивар, земјиштето да се плаќа според тоа како што било запишано во Катастарот во време на одземањето.

ИЗГРАДБАТА НА ПАТОТ КИЧЕВО – ОХРИД ДОЦНИ ПОВЕЌЕ ОД 3 ГОДИНИ
Поради грешки во основниот проект, патот Кичево Охрид е во застој рокот за изградба кој беше планиран за до 2018 година, одамна е пробиен.

Во текот на 2019/2020 година утврдени се 5 нови клучки на патот, за кои дополнително било одземено земјиште, за што се очекуваат и нови тужби за висината на одземеното земјиште.

Изградбата на Автопат А2 Кичево – Охрид е во должина од 56,7 км, и е поделена на 5 подделници. Постапката за експропријација на земјиште за главната траса е спроведена. Постапката за експропријација на вкупно 17 одлагалишта и 5 клучки (Арбиново, Издеглавје, Ботун, Мешеиште и Извор) е спроведена. Постапката за експропријација на денивелиран патен јазол Требениште, на Патен јазол Подмоље и Патен јазол Аеродром Св.Апостол Павле е спроведена. Исто така спроведена е постапката и за 9-девет косини соопштува Јавното претпријатие за државни патишта.

Во текот на 2017 година и претходно за патот Кичево-Охрид има доставено повеке дописи поради неусогласеност на проектната документација со реалните услови на терен, променливата геологија, појавената потреба од препроектирање на постоечка документација (препроектирање на тунелот за кој немало геомеханичи испитувања и погрешна категоризација, препроектирање речиси на сите потпорни зидови, поголем дел од усеците, вијадуктите, мостовите, натпатниците, потпатнијдите, плочестите, цевастите пропусти и друго), дислокација на електро водовите, експропријација на објекти на траса, како и изработка на нова проектна документација за позиции кои не беа предвидени со Основниот Проект, а се неопходни за правилно функционирање на Автопатот и појавена потреба од дополнителни и нови работи, а со тоа и зголемен обем на работа. Надзорот укажува за потребата од продолжување на рокот за завршување на работите и за потребата од дополнителни финансиски средства, констатирраат од Државни патишта, за што се земени и дополнителни кредити и заеми.

На подрачјето на Државно правобранителство Охрид и Државно правобранителство Кичево кои се надлежни за водење на постапката за експропријација, пред надлежните Основни судови во Охрид и Кичево, на крајот на 2020 година имаше активни уште околу 320 судски предмети, за кои само за судски трошоци се очекува да се исплатат околу 250 илјади евра.

Сите кои тужат, во едно се согласни, дека ЈП за државни патишта било добар плаќач, па не морале да ангажираат извршители, туку парите ги добивале веднаш по носење на пресудите, се наведува во истражувањето наЦентарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија.

OhridNews
Извор: СКУП Македонија