Антонио Касано е еден од фудбалерите кој не го искористи талентот иако имаше неколку прилики да прерасне во врвен голгетер. Касано првата шанса на големата фудбалска сцена ја имаше на 19 години во дресот на Рома. На Олимпико, Касано играше фантастично. Пет сезони беше партнер на Франческо Тоти во нападот. Следуваше трансфер во Реал Мадрид. Но место експанзија на кариерата се случи спротивното. Кариерата на Касано тргна надолу и паѓаше се до 2017 година кога одлучи да се повлече.

Јас сум најголемиот талент кој фрли се во вода во својата кариера. Една работа е да сакаш да смениш клуб, друго е да не сакаш да тренираш, да ги навредуваш сите и да се караш од утро до вечер. Приказната за ’лудиот гениј кој ги прекршува правилата’ не можеш да ја раскажуваш секогаш и јас навистина пречесто ја поминував линијата на нормално однесување. Но, децата те менуваат. Среќа што немав деца кога имав 20 години, бидејќи ќе ги научев погрешни лекции. Сега сум подобар човек и тоа благодарение на мојата сопруга. – изјави Касано во интервју за „Скај спорт“.

Касано во брак од 2008 година е со ватерполо ѕвездата Каролина Марциалис. Заедно имаат две деца Кристијан и Лионел.

Поранешниот италијански репрезентативец жали за испуштената шанса во Реал Мадрид. Тој на Сантијаго Бернабеу се задржа две сезони. Претстојот во Реал Мадрид исполнет бил со испади во и надвор од теренот.

Најмногу жалам што не ја искористив можноста да играм во најголемиот клуб во историјата на 23 години, со соиграчи како Зинедин Зидан и Роналдо. Пропуштив огромна шанса во Мадрид, каде што требаше да ги заменам Луиш Фиго и Мајкл Овен, но правев катастрофа по катастрофа. Капело пристигна во Реал, а јас ослабев 16 килограми на тренинг, постигнав да ггола во три меча, за тој да ме стави на клупата во четвртиот меч. Го загубив умот, а кога не го почитуваш Капело, тој те исклучува. Сепак, тој ми даде уште една шанса, но јас не му вратив со убаво. – заврши Касано.

OhridNews