Без победник 24-24 (13-15) заврши првиот дуел помеѓу Ракометниот клуб Охрид и Ракомениот клуб Крас Волендам во првата рунда од квалификациите за пласман во фазата по групи во Купот на ЕХФ.

Двете екипи имаа свои минути во текот на мечот и ремито на семафорот на крајот од мечот е најреален исход и ветува уште поголема борба во утрешниот натпревар во кој ќе се решава патникот во втората рунда.

Охриѓани подобро го отворија мечот и три имаа водство од два голови. Потоа стигнаа и до три голови (5-2). Еуфоријата во салата домашниот состав ја искористи и после 15 минути игра дојде до највисоки плус четири (10-6).

Гостите после најголемата негатива ги отворија сите карти и со четири нула серија комплетно ја анулираа предноста на охридскиот состав.

Холанѓаните полетот го искористија и го презедоа водството (13-11). До крајот на првиот дел гостите го задржаа водсвото и на полувреме заминаа со два позитива (15-13).

На стартот од вториот дел се играше гол за гол и гостите ја одржуваа разликата од два погодоци. Охриѓани имаа периодични закани, но техничките грешки не им дозволија да се вратат резултатски во игра.

И покрај тоа Охрид стигна до егал (22-22), а и поведе во финишот од мечот (23-22). Гостите во последните минути постигнаа два голови, а домашните ракометари еден за егал (24-24) и егал по првите шеесет игра.

Во составот на Охрид се истакна Бобан Блажески со шест голови, а по четири реализираа Јовица Младеновски, Дервис Бирдахиќ и Лазар Адамовиќ. Голман Благојче Трајкоски собра 13 интервенции. Кај гостите шест пати прецизен беше Игор Мршулја, пет пати стрелаше Јап Бимстербоер, а голманот Гери Ејлерс собра 10 успешни интервенции.

Мх.П.