Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ ќе соработува со македонски истакнати научници од дијаспората кои ќе вршат предавања за студентите на универзитетот, информира ректорот на УИНТ „Св. Апостол Павле“, проф. Д- р Нинослав Марина.


Секогаш ја запазуваме интернационалната компонента и како дел од програмата за работа е анимирање на наши истакнати македонски  научници од дијаспората кои би доаѓале да држат предавања за своите иновативни истражувања кои ги прават во моментов или да вршат  предавања на подолг период, изјави проф. Д- р Марина.


Како прв во низата познати имиња од областа на науката е Д-р Јаков Чакарески од EPFL,  водечки технички универзитет во Лозана, кој денес пред студентите одржа предавање за контекстот на управување со компјутерски комуникации и процесирање на сигнали.

Д-р Чакарески го претстави забрзувањето на конвергенцијата на компјутер-комуникациските технологии кое премостува онлајн заедници, создава дигитални содржини и информациска обработка на досега непредвиден начин.

Ваквите предавање се од големо значење за студентите, пред се поради тоа што овозможуваат размена на нови факти помеѓу универзитетите овде и во странство. Позитивно е што на овој универзитет се прават напори да се оди напред и да има транспарентност на интернационално ниво, изјави д- р Чакарески .


Д- р Чакарески е истакнат научник на Федералната политехничка школа во Лозана (EPFL), каде спроведува истражувања, одржува предавања и ја надгледува работата на студентите. Роден е и израснал во Струга.    

Т. Кувенџиска