Космополитскиот центар, каде се спојуваат истокот и западот и оваа година привлекува најголемо внимание од понудените аранжамни за организираните 8- мо мартовски патувања кои се нудат во охридските туристички агенции.
Таксим, Валенсовиот аквадукт, Шехзаде џамијата, големиот џамиски комплекс Сулејмание, Чамлиџе, Топ Капи Палатата, Хиподромот, Долмабахче сарајот, Аја Софија, Топ Капи, Сината Џамија- се само дел од локациите предвидени за посета во градот на Босфорот.
– Во нашата понуда има два термини за поаѓање, едниот е денес, а другата група заминува на 8- ми март. Со водич се организира панорамско разгледување на градот, но ќе се вршат и факултативни посети на голем број познати локации и објекти во Итанбул. Интересот за посета на овој град од година во година е се поголем, веројатно за тоа придонесува и прикажувањето на турските серии кои ја будат желбата да се посетат сите оние места кои се спомнуваат во нив , велат од туристичката агенција „Елида турс“.
Од агенцијата додаваат дека освен за Истанбул, интерес има и за патувањата во Виена, Банско, Будимпешта и Италија.
Големиот интерес за осмомартовската посета на Истанбул го потврдуваат и од ТА „Вис пој“.
– Има интерес за патувањата кои ги организираме и за Прага, Венеција, Будимпешта, но сепак најголем е интересот за во Истанбул. Во аранжманите се опфатени од две до три ноќевања зависно од дестинацијата. Со оглед на тоа дека аранжманите за 8- ми март траат неколку дена најголемиот број од нив се купуваат со поаѓање од Охрид, велат од ТА „Вис пој“.
За граѓаните со подлабок џеб се нудат и подалечни дестинации како што се патувања за Дубаи, но за нив сепак интересот е многу мал.