Денес,19 август, истекува крајниот рок за пријавување на спорни гласачи во Избирачкиот список. Заклучно со денеска до 12:00 часот, до Државната изборна комисија се пријавиле вкупно 7.931 граѓани чиишто записи во Избирачкиот список по извршените вкрстени и теренски проверки се спорни, односно има несовпаѓање на податоците во Избирачкиот список, од вкупно 39.502 спорни гласачи.

Од нив, 3.376 се пријавиле во подрачните одделенија и канцеларии и дополнителните канцеларии на ДИК, додека 4555 за пријавување ја искористиле веб апликацијата на интернет страницата на ДИК. Канцелариите на ДИК ќе работат до денеска до 19:00 часот, додека електронската апликација ќе биде отворена до 24:00 часот. Повеќе од 30.000 граѓани не се пријавиле во ДИК, иако нивните имиња беа јавно објавени. На 26-ти јули ДИК на својата интернет страница ги објави имињата на спорните 39.502 избирачи.

Овие гласачи при теренските проверки не беа најдени на домашните адреси, а за нив немаше ни други податоци во институциите. Пријавувањето може да биде електронски, според членовите 48/51 од Изборниот законик, или да се пријават лично во локалните канцеларии на ДИК. Оние кои во предвидениот рок нема да се пријават, ќе бидат избришани од електронскиот список. Овие рокови зададени од ДИК, следеа откако партиите потписнички на Договорот од Пржино одлучија за измени во Изборниот законик.

Според партискиот договор, во делот за Избирачкиот список, три или повеќе члена на ДИК можат да побараат дополнителна проверка за секое име. Во таков случај, може да се побара личноста да се појави лично, доколку живее во земјата или преку видеоконференција, ако живее во странство. СДСМ не отстапува од тоа тие да не бидат запишани, а уште една можност ќе имаат додека трае увидот во Избирачкиот список.

Со тоа не се согласуваат ДУИ и ДПА бидејќи најголем дел од овие гласачи се Албанци. Се шпекулира дека голем дел од нив би можеле и да се жалат до Уставниот суд доколку им биде ускратено избирачкото право.