Утре истекува крајниот рок од распишаниот конкурс за доделување на општинската награда и повелбите Патрон на градот –  “Свети Климент Охридски”. Од локалната самоуправа не откриваат колку вкупно апликации се досега пристигнати, со обајснување дека по истекувањето на крајниот рок, треба да поминат уште два дена, додатен рок за оние предлози кои ќе пристигнат по пошта.

И покрај бројни реакции дека од година во година доделувањето на највисокото општинско признание се политизира, не се изврши промена во статутот во делот на доделувањето на наградите и признанијата. И понатаму за тоа кој ќе ја добие наградата одлучува комисија составена од членови на советот на општината. Имено, по минатогодишните реакции поради одлуката наградата, освен Здружението на граѓани “Богојавление” , НУ фестивал “Охридско лето”, да ја добие и Велија Рамковски, од страна на градоначалникот Александар Петрески, беше укажано на потребата наместо комисија составена од членови на советот на општината, да одлучува независно, неполитичко тело, како би се избегнало било какво политичко влијание и  непријатни ситуации.

Притоа, Петрески, истакна дека за “Свети Климентовата” награда треба пред се да конкурираат здружениија, граѓани или установи кои се докажале и постигнале успеси во различни области, пред се во културата, спортот, образованието.

OhridNews