Граѓаните на Охрид кои се изложени на социјални ризици имаат рок од уште два дена да поднесат барање за субвенционирање на трошоците за комунални услуги, според Јавниот оглас за субвенционирање, кој пред околу еден месец го објави Охридската локална самоуправа.

-Вкупниот износ на субвенцијата ќе изнесува 600 денари месечно, за секој корисник и ќе биде составен од следните четири компоненти: Покривање на трошоците за потрошена вода за пиење до 250 денари за секој корисник на услугата, односно на субвенцијата; Покривање на трошоците за одведување на отпад до 150 денари; Покривање на трошоците за одведување на отпадни и атмосверски води до 150 денари и Покривање на трошоците за плаќање на гробна такса-гробарина до 50 денари за секој корисник на  субвенцијата, пишува во објавениот Јавниот оглас.

Право да поднесат барање за субвенционирање на трошоците за комунални услуги од Буџетот на Општина Охрид, имаат лицата со статус на: Корисник на социјална помош или Корисник на постојана парична помош како и Невработен подолго од 12 месеци, со услови и неговиот брачен другар исто така да е невработен. На овој оглас можат да се пријават и лица кои имаат најмалку 70% степен на инвалидитет или тешка болест, односно нивниот брачен другар или друг член на семејството е со инвалидитет од најмалку 70% или има тешка болест.

Заинтересираните лица своите барања за субвенционирање можат да ги доставуваат во затворено плико, лично во архивата на Општина Охрид или по пошта.

OhridNews