И по изминати три години, градежните работи на источната трансферзала која се протега од бензинската пумпа “Билјанини извори” до улицата “Баталјон Мирче Ацев”, не се завршени. Градежните зафати кои свечено ги започна локалната самоуправа, по извесно време беа запрени.

Од локалната самоуправа објаснуваат дека намерата на општината, како и во случајот со булеварот “Железничка”, била конечно да се иницира и започне  изградбата на трансферзалата, која е во надлежност на централната власт, односно под Агенцијата за државни патиша.

Од наша страна беше извршено пробивање на улицата, а потоа беше направено и тампонирање. Намерата ни беше да учествуваме во изградбата на оваа улица, а притоа да ја поттикнеме централната власт да ја заврши изградбата, затоа што станува збор за улица која е под надлежност на Агенцијата за државни патишта, објаснуваат од локалната самоуправа.


Од Агенцијата за државни патишта пак тврдат дека источната трансферзала воопшто не спаѓа во надлежност на агенцијата.

Изведувањето на градежните работи на оваа улица не е во наша надлежност, туку на локалната самоуправа. Поради тоа, нејзината изградба воопшто не е предвидена со годишните програми за 2011 и 2012 година, изјави портпаролот на агенцијата, Катерина Паноска.

Градежните работи на источната трансферзала започнаа во септември 2008 година. Од Локалната самоуправа тогаш беше потенцирано дека со нејзината изградба во голема мера ќе дојде до растеретување на  сообраќајот во Охрид, особено во летната сезона. Во меѓувреме улицата дури доби и име, откако Советот на иницијатива на ВМРО НП изгласа одлука таа да го носи името на поранешниот Министер за внатрешни работи Јордан Мијалков. Се чека само афалтот.

OhridNews