Од сон што пред неколку години изгледаше далечен, до европско финале што денес го живее цел град. ГРК Охрид вечерва во Унгарија ќе го одигра првиот финален натпревар од ЕХФ Европскиот куп против МОЛ Татабања, во најголемиот меч во историјата на охридскиот ракомет.

Првото финално соочување е попладнево од 17 часот во арената „Tatabanyai Multifunkcios Csarnok“, а реваншот, кој веќе се очекува со огромна еуфорија, е закажан за 31 мај во Охрид.

Европската ракометна федерација во најавата за финалето потенцира дека и двата клуба за прв пат играат европско финале, а посебно внимание привлекува фактот што Охрид до завршницата стигна со најдобра одбрана во натпреварувањето која во просек прима само 21,8 голови по натпревар.

Патот до финалето за охридскиот тим беше исполнет со големи предизвици, но и натпревари што веќе имаат свое место во спортската меморија на градот. По елиминацијата на искусни европски клубови како Олимпијакос и словенечки Целје, избраниците на Борис Ројевиќ вечерва ќе се обидат да направат уште еден чекор кон европскиот трофеј.

Тренерот Борис Ројевиќ во пресрет на финалето порача дека клучот ќе биде храбрата игра во одбраната и контролата на темпото, свесен дека Татабања располага со поширок ростер.

Посебна тежина на овој натпревар му дава и силната поддршка од трибините. Околу 200 навивачи од Охрид се очекува да бидат во Татабања, каде е организирана и фан зона за охридските „Рибари “ и приврзаници на клубот. Во градот на северозападот од Унгарија веќе се чувствува охридската атмосфера зачината со знамиња, песни и верба дека оваа генерација може да испише спортска историја.

Еден од симболите на оваа екипа, пивотменот Иван Тасески, дете на клубот кое порасна со сонот за големи европски натпревари во охридски дрес, во изјавата по последниот тренинг порача дека тимот е подготвен за битка и дека финалето е награда за целата работа, пожртвуваност и поддршка што клубот ја добива од градот и навивачите.

Пренос од натпреварот МОЛ Татабања – Охрид, ќе врши Арена Спорт на 5 канал.

Без оглед на исходот од првите 60 минути, Охрид веќе доби нешто вредно — тим што успеа повторно да го обедини градот околу спортот и да му донесе европски ракометен мај на брегот на езерото.

Но, во соблекувалната на ГРК Охрид вечерва сигурно не размислуваат само за учество во финале. Размислуваат за уште еден чекор. За меч што може да стане вечен.

Сонуваме заедно!

Г.М.

Фото: Анамарија Момироска