Зборникот за Охридското востание денеска беше промовиран во иложбениот салон на Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид .На промоцијата свое учество зедоа истричари од земјава кои беа дел од научниот собир што се одржа во Охрид и Дебар минатата година по повод стогодишнината од Охридското востание.

-За прв пат минатата година по 100 години ова востание, мошне значајно не само за истортијата туку и за овој крај, беше одбележано, бидејќи до сега како што е познато беше премолчано во нашата историографија. Врз основа на рефератите што минатата година ги презентиравме овде од македонски и албански историчари мислам дека го расветливме овој мошне значаен настан и дека се опфатени сите аспекти од ова востание во кое биле убиени од 2500 до 5000 жители токму од овој крај, поголемиот број Албанци, беа запалени стотици села и околу 1000 куќи, а околу 30000 луѓе биле принудени да пребегаат во Албанија.-изјави Зоран Тодоровски – директор на Државниот архив во Македонија.

И покрај напорите на историчарите, Охридско – Дебарското востание, како што уште е познат овој настан, денеска наместо да ги зближи, ги разделува жителите и институциите од краиштата во кои пред сто години тогашното население заеднички се кренало на оружен отпор против српската власт. За тоа говори и поставувањето на еднонационално спомен обележје во струшко во близина на селата Тефериџ и Шум минатата година, кое е испишано само на Албански јазик.

-Тоа што можевме ние историчарите да го направиме, го направивме, останува сега на политичарите и општините, како што истакнавме уште минатата година, дека е потребно да се подигне еден заеднички споменик на сите паднати жртви на ова востание што ќе го симболизира заедништвото на Македонците и Албанците, затоа што за прв пат македонското и албанското население заеднички се дигна против окупаторот кој по Балканските војни дојде на овие простори.- рече Тодоровски.

За ова востание уште во 1917 години пишувал охриѓанецот Кирил Прличев, а присутно е и во мемоарите на ВМРО од 1922 година од уште еден охриѓанец Петар Чаулев, но поради тоа што нашата историја во минатото свесно го подзаборавила, има обиди тоа да се прикаже како бугарско, рече Тодоровски.

-Во ова востание учествуваше охридско население, односно македонско и албанско население, а тоа било предводено од дејците на организацијата Петар Чаулев, Павел Христов, Милан Матов и во никој случај не би можело тоа да биде бугарско востание. Но нашата историографија многу погреши бидејќи заборави да ги регистрира не само водачите, туку и жртвите кои настрадаа во ова востание.-додаде Тодоровски.

За Охридското востание од 1913 година, кое го следат историски контроверзи, неодамна беше снимен и документарен филм кој го режираше охриѓанецот Илија Пиперкоски.

Г.М.