Во големата сала на општинската зграда, денес се одржа пригодна свеченост за одбележување на претстојниот празник, 11 октомври- Денот на востанието на македонскиот народ. Пред членовите на Сојузот на борци, продолжувачите  од општините Охрид и Дебрца, бројните присутни гости се обратија градоначалникот на општина Охрид, Александар Петрески и претседателот на  општинскиот одбор на Сојузот на борци на Охрид и Дебарца, Гоце Георгиевски.


Своето обраќање градоначалникот Петрески го започна и заврши со бројни критики упатени кон централната власт. На самиот почеток, тој истакна дека првичната идеја била прославата да се одржи во Центарот за култура, но поради тоа што за изнајмување на салата било побарано да платат 15. 000 денари, се одлучило сепак одбележувањето да се организира во општинската зграда.


– Иако објектот во кој е сместен Центарот за култура се градеше од вас и општината, ни побараа да платиме 15. 000 денари. Очигледно е дека некој сака континуирано да ја омаловажува улогата на НОБ во формирањето на македонската држава, најпрво како дел од поранешна СФР Југославија, а од пред 20 години како самостојна и суверена република, истакна Петрески. При тоа, додавајќи дека актуелната власт со невидена кампања сака да ја редефинира историјата, наместо да се соочи  со сегашноста и иднината. – Не враќаат во времето на Александар Македонски, а ја омаловажуваат современата историја и формирањето на самостојна и суверена Република Македонија. Го преполнија Скопје со споменици за кои во овие тешки времиња без трунка совест и одговорност трошат и перат стотици милиони евра народни пари. Изградија Музеј на борците за самостојна Македонија и жртви од комунизмот, а за разлика од развиените демократски земји, во тој музеј не најдоја место за жртвите од фашизмот. Го кочат секој обид за развој на Охрид, затоа што со локалната самоуправа раководи лице од спротивната партија, рече Петрески.


Претседателот на  општинскиот одбор на Сојузот на борци на Охрид и Дебарца, Гоце Георгиевски, направи осврт кон најзначајните случувања за време на Народно- ослободителната војна, потенцирајќи дека веќе две децении израснуваат нови генерации без неопходни познавања на вредностите на НОБ, поради искривувањето и негирањето на придобивките од војната.

Веќе две децении тоа се одвива под плаштот на антикомунизмот, упорно од поединци и релевантни политички партии со македонски национален предзнак и носители и учесници во власта. Во сиве овие години на мачна транзициија кога покрај економските проблеми и недостаток на визија за развој, од една страна се соочуваме со надворешно негирање на нашиот национален идентитет, а од друга страна со внатрешна негација на најсветлата страница од нашата историја. Се трага по државниот идентитет во далечната праисторија, а се прескокнува борбата со која се создаде првата  и единствена македонска држава. Во морето споменици од личности од праисторијата, ги нема ликовите на оние кои се изборија за слободата, рече Георгиески.


Одбележувањето на празникот беше збогатено со пригодна културно- уметничка програма, а беа доделени и признанија за особено истакнување и постигнати резултати во активностите на боречката организација. 

OhridNews