Паралелно со кадровските промени, во фестивалот „Охридско лето“ веќе подолг период во тек се инспекциски контроли, кои го анализираат работењето на националната установа изминати години.

Неодамна полицијата поднесе кривични пријави против членови на комисијата за набавки кои се товарат за злоупотреби направени во 2010 година. Неофицијално дознаваме дека  ќе се чешла комплетната документација од 2002 година наваму, поради сомнеж за злоупотреби и прекршување на законите.

Во меѓувреме нашата најреномирана културна манифестација, покрај директор, доби и нови уметнички селектори. Како што веќе информиравме, на местото на Гордана Јосифова Неделкоска на позицијата музички селектор доаѓа директорката на Македонската филхармонија  и член на советот на фестивалот Охридско лето, Маја Чанаќевиќ. За драмски селектор назначен е професионалниот актер и режисер, и раководител на охридскиот народен театар Горан Стојаноски, кој доаѓа на местото на Ѓорѓи Јолески.

Новата фестивалска постава најавува дека посветено ќе работи на подготовка на следното издание на манифестацијата. Во меѓувреме се очекува институциите брзо и ефикасно да ја завршат започнатата истрага и да ги расветлат евентуалните неправилности во работата на националната установа, со цел непречено одвивање на подготовките за 52-то Охридско лето.

OhridNews