Онлајн туристичките платформи имаат клучна улога во начинот на кој младите планираат и одлучуваат за своите патувања, покажуваат податоците од спроведеното најново истражување „Како онлајн платформите ги обликуваат одлуките за патување кај младите?“.

Истражувањето е реализирано од студент на постдипломски студии при Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, а во истото опфатена e популација на возраст од 17–30 години во државава.

Резултатите откриваат дека над 70% од младите редовно користат платформи како Booking.com, Airbnb и социјалните мрежи при избор на дестинација и сместување. Онлајн рецензиите се издвојуваат како највлијателен фактор – дури 95% од испитаниците изјавиле дека рецензиите се пресудни при изборот, а повеќе од 80% би избрале услуга со подобри оценки дури и ако таа е поскапа. Визуелната содржина има силно влијание. Фотографиите и видеата се покажуваат како посилни од текстуалните описи. Повеќе од 80% од младите сметаат дека визуелните содржини значително влијаат врз нивната одлука, бидејќи им овозможуваат подобро да ја „почувствуваат“ атмосферата на дестинацијата уште пред да патуваат.

Дигиталниот маркетинг и инфлуенсерите инспирираат, но со резерва. Околу 60% од испитаниците изјавиле дека дигиталните маркетинг кампањи ја зголемуваат нивната желба за патување, додека секој петти млад човек направил резервација по препорака од инфлуенсер.

Сепак, младите се критични и бараат автентичност и реални искуства, а не само рекламни пораки. Довербата е клучна. Истражувањето потврди дека довербата во платформите е пресудна за конечната одлука за резервација. Проверените рецензии, јасните услови за користење и сигурната корисничка поддршка се најважните фактори што ја зголемуваат довербата кај младите.

Наодите од ова истражување се значајни за туристичките компании и агенции, кои треба да инвестираат во транспарентност, реални рецензии и квалитетна визуелна презентација; локалните и националните туристички политики, при креирање стратегии насочени кон младите; дестинациите и сместувачките капацитети, кои сакаат да ја зголемат својата видливост и доверливост на дигиталните платформи.

Истражувањето јасно покажува дека младите туристи се дигитално ориентирани, информирани и критички настроени, а успешниот туризам денес подразбира автентично онлајн присуство и градење доверба. Ако туристичките агенции и давателите на услуги сакаат да ја задржат и зголемат младата публика, треба да инвестираат во: активно и креативно присуство на Instagram и TikTok, видео маркетинг и кратки динамични формати, соработка со микро-инфлуенсери (со реална публика), автентични приказни наместо класични реклами, јасни и транспарентни онлајн информации. Иднината на туристичкиот маркетинг не е во брошури и статични реклами, туку во дигитална интеракција, визуелна комуникација и доверба, се посочува во истражувањето.

Младите, се потенцира, веќе не одат во агенција да прашаат каде да патуваат – тие го гледаат тоа на социјалните мрежи.

Н.С.Ј.