Истражување за ефектите на вакцините против КОВИД-19 кај македонската популација покажува дека нема големи разлики меѓу вакцините од различни производители во спречувањето тешка болест и смрт, но има разлики во спречувањето хоспитализација, соопшти Министерството за здравство врз основа на првичните резултати од истражувањето кое го предводи д-р Харис Бабачиќ, епидемиолог и докторанд-истражувач на Институтот „Каролинска“ во Стокхолм, во соработка со Жаклина Чагороска од Управата за електронско здравство при Министерството за здравство.

Според тековното истражување, две дози од антиковид-вакцината на производителот „Фајзер-Бионтек“ имале највисока ефективност во спречување хоспитализација, следни се вакцините на „АстраЗенека“ и на „Синовак“, сите со ефективност над 92 отсто. Вакцините на „Синофарм“ и на производителот „Gamaleya Institute“, според анализата, покажале послаба ефективност во спречување хоспитализација од претходните три вакцини, но сепак имаат висока ефективност од над 80 отсто.

Според анализата, една доза вакцина против КОВИД-19 е недоволна за спречување тешки исходи од болеста и ја истакнува важноста да се примат најмалку две дози.


Во првичната сеопфатна анализа на ефективноста на антиковид-вакцините во спречување хоспитализација и смрт кај македонската популација биле следени сите корисници на националниот електронски здравствен систем „Мој термин“ од денот на првата регистрирана вакцинација (15 јануари 2021) до 30 септември 2021.

Анализата покажува дека вкупно 30.136 лица биле хоспитализирани од КОВИД-19 од почетокот на епидемијата во државава заклучно со 30.09.2021, од кои 6.542 починале што е 21.7 отсто од хоспитализираните. Просечната возраст на хоспитализираните изнесува 61 година, а 56.5 отсто од нив биле мажи. Од хоспитализација до смрт поминувале во просек 14 дена, а половина од испитаниците починале во рок од осум дена по хоспитализација. Сите тие кои биле хоспитализирани пред да бидат вакцинирани со прва доза биле класифицирани како невакцинирани случаи, се наведува во соопштението.

Постарата возраст и машкиот пол, како што се наведува, значително ја намалувале ефективноста на вакцините, при што граѓаните на возраст од 65 и повеќе години имале околу 76 отсто поголем ризик да бидат хоспитализирани од оние под 65 години, а мажите имале околу 23 отсто поголем ризик од хоспитализација од жените.

 

OhridNews