Тужбите за навреда и клевета стнуваат средство за реваншизам и притисок кон неистомислениците, при што најчести жртви се новинарите. Ова го покажа последното истражување на Центарот за истражувачко новинарство СКУП-Македонија.
Податоците добиени од 22 судови во земјава по Законот за слободен пристап до информации укажуваат дека, во периодот од 2011 до 2016 година, поднесени се над 1.800 тужби во судовите во земјава. Од нив околу 1.000 се покренати во 2011 и 2012 година, пред декриминализацијата на навредата и клеветата.
Скопските судови се преплавени со „навредени и наклеветени“ клиенти. Па така на пример, само во скопскиот кривичен суд во 2011 и 2012 година биле поднесени 367 тужби. Овој тренд продолжува и подоцна, по донесувањето на Законот за декриминализација, по што споровите преоѓаат во рацете на прекршочниот суд.
Во Основниот суд Скопје 2 во периодот од 2013 до 2016 година евидентирани се вкупно 497 предмети. Се тужеле и политичари и бизнимени, но од притисокот не куртулиле ниту новинарите. Тие се јавуваат во својство на странки во постапките во 173 предмети. Новинарите се тужени во дури 117 предмети, се одлучиле да тужат во 17 предмети, а меѓусебно се тужат во дури 39 предмети.
Во Основниот суд Охрид од 2011 до 2016 година поднесени биле 77 тужби за навреда и клевета. „Рекордери“ по тужби се и струмичкиот, кумановскиот и битолскиот суд.
OhridNews