Граѓаните на општина Охрид се информирани за работењето на локалната самоуправа преку медиумите и сметаат дека општинската веб страница има солиден број на информации, но дека се потребни дополнителни информации за одредени сегменти кои се од интерес за јавноста.
Додека пак граѓаните на општина Струга сметаат дека не се многу информирани за работењето на својата општината, дека општинската интернет страница нема солиден број на информации и дека потребен е поголем ангажман на надлежните општински служби за објавување на повеќе информации за активостите кои ги спроведува општина Струга.
Ова се заклучоците од спроведеното истражување „Каква е мојата општина“ што се реализираше на подрачјето на општините Охрид и Струга од страна на Локалната агенција за развој (ЛАР) од Струга.
Анкетираните граѓани одговориле дека општина Охрид објавува многу информации, но не ги објавува во целост сите информации кои се во интерес на јавноста како на пример информациите за реализација на буџетот. Анкетираните соговорници во општина Струга, одговориле дека не се објавуваат доволен број информации кои се во интерес на јавноста. Граѓаните и од двете општини одгвриле дека вработувањата во локалната самоуправа се вршат нетранспарентно.
– Од делот на деск истражувањето, со кое ги опфативме содржините на општинските веб страници, може да се заклучи дека општина Охрид повеќе ја користи својата веб страница за објавување на информации за јавноста, додека пак општина Струга не ја искористува во целост можноста за он-лајн информирање на граѓаните. Ова може да се види и од бројот на вести кои ги има во архивата на информациите за набљудуваниот период од една година. Во набљудуваниот период општина Охрид објавила 984 вести додека пак општина Струга само 65 вести, информира на денешната прес конференција Елена Михајловска, истражувач на проектот.
Со истражувањето беа опфатени и новинари од двете општини.Охридските новинари сметаат дека локалната самоуправа има воспоставено добра комуникација со новинарите, службата за односи со јавност е отворена за соработка, но дека информациите на интернет страната претежно се од информативен и промотивен карактер. Забележуваат што не им се доставуваат материјали за седниците.
Струшките новинари исто така задоволни од комуникацијата со локалната самоуправа но со забелешка дека службата за односи со јавност не е доволно отворена за соработка. Голема забелешка упатуваат на нередовното ажурирање на општинската интернет страна.
– Општина Струга не исполнува околу 45% од показателите за транспарентност и отчетност на општинските веб страници кои се мереа во рамки на нашето истражување во делот на својата веб страница и треба да преземе низа мерки за подобрување на нејзната функционалност, а исто така треба да воспостави и практика за редовно ажурирање на дневните информации и да ги стави во функција сите линкови и содржини кои не се активни, а кои веќе ги има поставено на страницата. Од табелата на показатели за транспарентност Струшката локална самоуправа не ги исполнува показателите за Отворени јавни телефони, Нема објавено Статут на општината и Деловник за работа на Совет и не е активен линкот од Бирото за јавни набавки. Додавањето на овие содржини на веб страницата ќе значи многу за подигнување на транспарентноста во работењето, информира Јасминка Попопска, директор на Локалната агенција за развој Струга.
Истражувањето кое се реализираше од јули до октомври 2014 година има за цел да го истражи нивото на свесност на граѓаните за траспарентноста и отчетноста на општините Охрид и Струга, како и практиките кои ги применуваат овие две локални самоуправи за да ја информираат јавноста и да ја доближат својата работа до граѓаните.
Т.К.