Преку презентација на производите и услугите пред јавноста, маркетингот игра главна улога во развојот на угостителството и туризмот, односно во создавањето на јавно мислење. Затоа години наназад, во маркетинг-кампањите се вклучени голем број психолози, социолози и врвни професионалци кои имаат за цел да го претворат потенцијалниот купувач во реален.
Последното истражување на еден студент од Факултетот за туризам и угостителство, покажува колку се движат цените на туристичко-угостителските услуги во Охрид во текот на туристичката сезона.
„Охрид се разликува од другите туристички центри на Балканот, по тоа што една иста цена се заддржува во текот на целата туристичка сезона, за разлика од другите места каде цените се менуваат просечно на секои 10 дена. “ – вели Тони Павловски, студент при ФТУ во нашиот град, кој во соработка со професор д-р Ангела Василевска го направи истражување за цените на услугите и аранжманите кои се нудат во Охрид.
Истражувањето покажува дека за 7 дена на охридската ривиера во приватно сместување, потребни се 175 евра за две лица и 110 евра за исхрана и други трошоци, односно вкупно 285 евра.
„Ќе претпоставиме дека за 7 дена се потребни околу 4 килограми различно месо или околу 890 денари. За 4000 грама мешовиот зеленчик потребни се 140 денари. Истата количина овошје чини 310 денари. За појадок би издвоиле 1246 денари, во кои се вклучени два килограми сирење, шаблон јајца, половина килограм виршли и свинска шунка и седум литри јогурт. Да претпоставиме дека просечно ќе се потрошат 600 денари за други додатоци во јадењето како масло, сол, зачини, кечап и мајонез. Ќе пресметаме додатни 560 денари за 28 литри вода како најосновен пијалак и 3000 денари за превоз и гориво.“ – додава Павловски.
Цената на хотелското сместување во Охрид варира во зависност од категоријата на објектот, местоположбата и пансионот, а таа се движи од 25 до 40 евра по особа.
„Ако земеме една средна цена од 25 евра по лице, за две особи за 7 дена ќе добиеме сума од 350 евра. Ако претпоставиме дека главните оброци ќе се земат надвор од хотелот, дневно за двајцата би биле потребни околу 1000 денари за ручек и вечера. Понатака ќе додадеме 5000 денари за превоз, гориво и други трошоци како изнајмување лежалки и слично, за на крај да дојдеме до сума од 33 350 денари или 546 евра.“ – истакнува Павловски.
Заклучокот од ова истражување покажува дека две лица би требало да одвојат 285 евра за седум дневен престој во Охрид со приватно сместување, односно 546 евра со хотелско.
O.T.