Првиот човек во италијанскиот фудбал Габриеле Гравина, потврди дека цел на федерацијата е да се завршат фудбалските шампионати во Италија кои се прекинати поради пандемијата со коронавирусот. Италија е најпогодена земја и има најмногу заразени и починати лица од опасниот вирус.

Наша задача е да ги испланираме датумите кои даваат надеж на сите оние кои го сакаат спортот. Денес е време да се испланира, да се направи увид на состојбата и на кризата во која западна спортот и фудбалот. Се обидуваме да ги собереме сите елементи, да ја вратиме надежта во овој момент на неизвесност, и да започнме одново. Се наоѓаме во голема тешкотија, но се додека има шанса, ќе ја задржам надежта за рестартирање на првенствата. Свесен сум дека е прерано да размислуваме за датум, но мора да мислиме позитивно, се надеваме дека оваа ситуација ќе заврши во најкус можен рок. Ќе бараме поддршка од УЕФА и ФИФА за да играме и после 30 јуни. – изјави предводникот на италијанскиот фудбал.

Нема да биде лесно да се најде договор со лигите, како што објаснува и самиот Гравина

Во моментов, нема простор за интересите на поединецот, апелирам на здравиот разум, на крајот Федерацијата е таа која ќе мора да одлучи. Ние мора да бидеме свесни дека ни требаат 45-60 дена за да го завршиме шампионатот. Ако УЕФА ни дозволи да играме во јули и август, тоа би било изводливо. – истакна Гравина.

Гравина ја исклучува можноста за играње на плеј оф за титулата, бидејќи се коси со правилата и актите на италијанската фудбалска федерација, но во иднина не ја исклучува таа можност. Поради коронавирусот кој ја зафати Италија, прекинати се сите спортски настани на неодредно време. Неизвесно е кога и дали воопшто ќе бидат продолжени спортските манифестации во земјата. УЕФА неодамна го одложи Европското првенство за да им остапи простор на националните првенства да ги завршат своите шампионати.

OhridNews