Итни мерки за намалување на загадувањето на воздухот или во спротивно од 15 јануари блокади на повеќе градови што се загадени, најавија вчера учесниците на протестот против загадениот воздух, што се одржа пред Владата. Според учесниците во протестот, Владата само дава препораки, а не презема никакви мерки да влијае врз намалувањето на загадувањето на воздухот.
На протестот присуствуваа покрај од Скопје, активисти и од Тетово и Битола.
„Следејќи ја статистиката многу лесно може да заклучиме дека неквалитетните и увезени возила и фабриките без соодветни филтри на оџаците, придонесуваат многу за нашето загадување на воздухот. Конкретни итни мерки беа предложени и апелирам веднаш тие да се стават во акција и да се имплементираат. Но, доколку сакаме оваа година да е последна со ваква енормна количина на загадување на воздухот, мора да го искорениме овој проблем“, рече Горјан Јовановски креатор на апликацијата „Мој воздух.“
Според него, загаденоста во Скопје во текот на зимата се покачува во периодот од 15 часот до 03 часот по полноќ, што, како што рече, е показател дека загадувањето се прави од загревањето на домовите, при што се користат различни материјали.
„Апелирам до надлежните да си ги средат приоритетите и на прво место да го постават здравјето на своите граѓани. Бараме барем дел од буџетот којшто е наменет за барокни градби, споменици, бродови и палми, да се пренасочи кон субвенционирање на сметките на економски загрозени семејства за парно греење и кон започнување на гасификација на Македонија“, рече Јовановски.
Протестантите, во барањата наведоа воведување на соодветен режим на сообраќајот, исклучување од сообраќај на возилата со понизок стандард од Еуро 4, како и на дизел возила, центарот на градот да стане место каде што ќе сообраќа само јавниот превоз, како и времена забрана за работа на индустијата со А и Б интегрирани дозволи.
„Оваа година сечеа дрва, уништуваа паркови, го уништија Водно, а за сè ги обвинија оние кои немаат пари да се приклучат на парно или кои возат стари возила. Бараме конкретен и целосен мониторинг да видиме што дишеме, кој нè загадува и зошто не е казнет. Има само една работа која е попрљава и посмрдлива од воздухот во Скопје и во Битола, а тоа е совеста на оние што ништо не преземаат“, рече биологот Кирил Арсовски.
OhridNews
Извор:„Макфакс“