На вонредна седница што се одржа синоќа,  Владата донесе итни мерки за санирање на штетите предизвикани од невремето, што завчера ја погоди Македонија.

Најпогодени се градовите Радовиш, Виница и Прилеп, каде штетата се проценува на повеќе милиони евра. Владата донесе одлука  за доделување еднократна помош во висина на една просечна плата за најзагрозените семејства. Формирана е и  комисија, која во рок од 48 часа треба да излезе на терен, да ги провери штетите и да утврди кои семејства треба да добијат надомест од државата.

Владата изрази жалење и сочувство до семејствата на жртвите во невремето и  донесе одлука ним да им биде исплатена еднократна помош во висина од по 30 илјади денари.

Како што веќе информиравме, силното невреме однесе една жртва и во Охрид. Градежниот работник Слободанчо Лисичков од Битола завчера го загуби животот кога силниот ветер го оддувал од покрив на стовариште на ул. „Железничка“. Во моментот на несреќата на покривот имало уште тројца работници кои за среќа не се повредени.

 Ohridnews