Македонските студенти воопшто не заостануваат кога станува збор за примената на технологијата при нивното образование, вели министерот за информатичко општество и администрација ,Иво Иваноски кој денес присуствуваше на отворањето на петтата Меѓународна конференција „ИКТ Иновации 2013 “, што се одржува во Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, а на на која главна тема е иновациите во образованието.

Со инвестициите во образованието Македонија  е предводник во околината и поширокиот регион. Со реализација на проектот компјутер за секој ученик и со современите лаборатории во училиштата , пред се во високо образовните институции може да се каже дека воопшто не заостануваме во примената на технологијата.Самите учесници на конференцијата го потврдуваат напредокот со отворањето на лабораториите кои ги немаше пред 5 години, а тоа ќе го потврдат и резултатите кои се очекуваат во наредните години , изјави министерот Иваноски кој додаде дека за тоа колку македонските иновации ќе се бараат надвор од Македонија зависи од самиот пазар .

Професорот Владимир Трајковиќ, продекан на ФИНКИ, изрази задоволство што бројот на учесници на конференцијата од година во година е се поголем, пред се годинава, кога забележително е присуството на голем број странски експерти. Продеканот на ФИНКИ , професорот Анастас Мишев,изрази голема благодарност до големите компании кои даваат поддршка и ја спонзорираат конференцијата.

Деканот на Факултетот за туризам и угостителство, професор д-р Сашо Коруноски изјави дека претставува особена чест да се биде домаќин на една конференција од ваков ранг на која учесниците и самите студенти ќе имаат можност да слушнат за  најновите ИКТ-иновации во образованието.

Поддржуваме вакви иницијативи и сите врати се отворени за секаков вид соработка каква што денес се остварува помеѓу двата универзитети, двата факултети, со наизглед различни струки, но сепак секогаш наоѓаме начин и место да ги споиме современите технологии и она што е наша основна струка- туризмот и угостителството.  Храната која ќе ја има на денешниот коктел по отворањето на конференцијата е подготвена од страна на нашите студенти. И покрај ИКТ-иновациите ние подготвуваме иновации во исхраната кои ќе им бидат презентирани на нашите гости, изјави деканот Коруноски.  

Конференцијата се одржува под покровителство на претседателот на Р.Македонија и градот Охрид, а е во организација на асоцијацијата ИКТ- АКТ која обединува поголем дел од универзитетските професори по информатика и компјутерско инженерство од Македонија. Поддржана од сите поголеми универзитети во  Македонија, и спонзорирана од поголем број на меѓународни ИКТ компании.

Т.К.