Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод празникот Св. Климент Охридски упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
„ Ваше Блаженство, дозволете ми, Вам лично, до сите верници од православна вероисповед, до членовите на Светиот архијерејски синод и до целото свештенство и монаштво, да упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник посветен на свети Климент Охридски. Свети Климент е основоположник на Охридската книжевна школа, чии ученици станаа учители на словенскиот свет. Од тогаш, па сè до денес, неговото дело е вградено во секоја буква што ќе ја напишеме и во секој збор што ќе го изговориме. Наредната 2016-та година треба да мине во знакот на одбележувањето на 1100-годишнината од упокојувањето на св. Климент Охридски. Сеќавајќи се на нашиот голем народен светител и учител, треба да останеме достојни на неговото наследство. А тоа ќе го постигнеме ако, во сè што правиме се престигнуваме во добрина. Како чувар на споменот и наследството на св. Климент Охридски, Македонската православна црква – Охридска архиепископија има постојана задача да биде глас на мирот и добрата мисла, утехата и надежта во Република Македонија, стои во честитката од претседателот Иванов.
OhridNews