Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, упати честитка до Доналд Трамп, по повод изборот за Претседател на Соединетите Американски Држави.

– Република Македонија придава исклучително значење на стратегиското партнерство со Соединетите Американски Држави, а заложбата за негово натамошно зацврстување претставува посебен интерес за Република Македонија и за нејзините граѓани. Вие застанувате на чело на Вашата држава во време на безбедносни бури, глобални предизвици и непоредок. Овие предизвици неминовно се рефлектираат и на државите од регионот на Југоисточна Европа, вклучително и Република Македонија. Во нашите 25 години независност и сувереност, Република Македонија долго време се соочува со неправедна и непринципиелна блокада на нашиот европски и евроатлантски пат. И како што на светот му треба поредок, така нам ни треба консолидирање на мирот, поголема стабилност, безбедност и демократија во регионот. За постигнување на овие цели потребна е интеграција на Република Македонија и целиот регион во НАТО и во Европската Унија, но и почитување на меѓународното право. За постигнување на овие цели посебно значајна е поддршката од САД, се наведува во честитката.

OhridNews