Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов во обраќање до јавноста, попладнево, истакна дека нема да му го додели мандатот за составување влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев. Тој тоа го образложи со две причини, едната од формално – правна природа, а втората суштинска која, како што рече, задира во интересите на државата.

Во однос на првата Иванов рече дека не е спорно оти Заев обезбедил мнозинство за состав на влада, но за да го добие мандатот треба да се почитува рокот предвиден во членот 90 од уставот, кој претседателот по консултација со правни експерти го толкува дека е 10 дена, а не веднаш како што бара СДСМ.

Вториот, суштински проблем, како што го толкува Иванов, е прифаќањето на туѓа платформа, креирана од туѓа држава со посредство на премиер на странска земја, за туѓи интереси, која е во спротивност со националните нтереси на Република Македонија и може да ја загрози нејзината независност и интегритет.

Тој рече дека побарал од лидерот на СДСМ јавно да ја осуди и отфрли таквата платформа, во спротивно нема намера да му го додели мандатот за состав на влада.

Република Македонија е уценета а нејзината независност и унитарност се загрозени. Формирањето на владата стана заложник на платформа од туѓа држава која ги загрозува темелните вредности и национални интереси на нашата земја. Очекував дека одредени политички партии ќе покажат државотворност и ќе ја отфрлат таквата платформа, за жал тие почнаа да преговараат за неа. За унитарниот карактер на државата не може да се разговара тајно. Побарав од Заев јавно да ја отфрли платформата бидејќи граѓаните на изборите гласаа за реформи и договорот од Пржино, а  не за платформа од туѓа држава. – рече Иванов, додавајќи дека преговарање за платформа на туѓа држава е казниво дело. 

Иванов побара од меѓународната заедница да ја осуди таквата платформа која, според него, претставува мешање во внтарешните работи на Македонија, забележувајќи дека отсуствува таква реакција.

-Ваквиот гласен молк ми дава за право да заклучам дека сега се зависи само од нас од граѓаните и нивните институции. Во Р. Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните. Никој не му дал право на било кој политички субјект да ги загрозува националните интереси на државата. Ова се сериозни времиња и секоја погрешна одлука може да има катастрофални последици врз иднината на државата. Ќе постапам во согласност со мојата претстедателска заклетва, бидејќи ниту уставот ниту совеста не ми дава за право да дадам мандат на политичари кои прифаќаат туѓи платформи на туѓи држави. – истакна Иванов.

Тој додаде дека не постојат закани и уцени што ќе го натераат да го прекрши уставот, изразувајќи уверување дека се додека е претседател нема да даде мандат на човек кој се залага за платформа која има за цел уривање на државата.

OhridNews