Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов вчера ја прими  Александра Кас Гранје, директор за проширување во ЕК, која на Претседателот Иванов му го врачи извештајот за напредокот на Република Македонија.

На средбата, Претседателот Иванов изразил задоволство од повторно афирмираната оценка на Комисијата дека Република Македонија ги исполнува предусловите за отворање на преговорите за членство. Претседателот Иванов оцени дека извештајот за напредокот на Република Македонија и другите документи претставуваат реален одраз на македонското општество и неговото ниво на развој во согласност со критериумите релевантни за европските интеграции. Претседателот воедно нагласи дека одредени оценки се прашање на перцепција на состојбите во Македонија. Тој истакна дека подготвеноста на Македонија да ги продолжи реформските процеси останува висока, и додаде дека ќе го искористи претставувањето на извештајот како можност повторно да се упати порака до сите релевантни општествени фактори да го дадат својот придонес кон продолжување на позитивните оценки за македонскиот напредок, информираат од Кабинетот на претседателот.

Претседателот Иванов на средбата го изразил своето незадоволство од селективното почитување на стандардите на Обединетите нации при составувањето на текстот на извештајот. Претседателот подвлече дека начинот на именување на јазикот и етничката припадност на македонскиот народ се прашања на почитување на човековите права и човечкото достоинство. Претседателот Иванов оцени дека со оваа пракса на именување, Европската Комисија не помага во процесот на разговори со Република Грција и кон македонските напори да дојдеме до взаемно прифатливо решение со Република Грција, во рамките на Обединетите нации. Иванов најави дека за ова прашање повторно писмено ќе реагира до Претседателот на Европската Комисија Жозе Мануел Баросо.

OhridNews