Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, вчера одржа работна средба со амбасадорите на земјите членки на Европската Унија во Република Македонија.

На средбата беа разменети мислења за актуелните случувања во Република Македонија, по определувањето на мандат за состав на Владата на Република Македонија. Претседателот Иванов ја реафирмираше посветеноста на Република Македонија за почеток на пристапни преговори со ЕУ, како еден од највисоките стратешки приоритети, информира кабинетот на претседателот.

Според претседателот Иванов, потребно е Европската унија да направи исчекор и да определи датум за почеток на пристапните преговори со Република Македонија, односно да овозможи отворање на поглавјата 23 и 24.
 
„Отворањето на преговорите во поглавјата 23 и 24 за правосудство, основните права, правда, слобода и безбедност ќе го дадат неопходниот поттик за интензивирање на реформските процеси. Статус квото не смее да продолжи. Нам ни е неопходна трансформирачката моќ на пристапниот процес, како и обединувачката моќ на процесот, за соочување со длабоката политичка поларизација во земјата“, рече претседателот Иванов на средбата.

Претседателот Иванов ја повторил потребата лидерите на парламентарните партии да покажат одговорност и да ја обноват посветеноста за европска и за евроатлантска Македонија, а приоритет да се даде на закони и решенија од европската агенда.
 
Амбасадорите на земјите членки на Европската Унија ја поздравиле одлуката на претседателот Иванов за доделување на мандат за состав на Влада на Република Македонија, со што се отвора можноста за нормализација на состојбите и политичка стабилност во земјата. На средбата беило истакнато взаемно очекување новата влада во своите приоритети да ја има ЕУ агендата, односно реформите кои ќе ја забрзаат интеграцијата на Република Македонија во ЕУ.
 
На средбата биле разменети мислења и информации за клучните предизвици со кои се соочува Република Македонија и целиот регион, како што се мигрантската и безбедносна криза, екстремниот радикализам, растечката националистичка реторика во регионот.

OhridNews