Низ отворен и искрен дијалог политичките актери треба да најдат излез од настанатата состојба, се согласиле претседателот Ѓорге Иванов и еврокомесарот за проширување Штефан Фуле, за време на денешната средба одржана во Скопје, пренесува „Макфакс“.

Како што информираат од кабинетот на Иванов, на средбата било разговарано и за пролетниот извештај на Европската комисија(ЕК), како и за следните чекори во Пристапниот дијалог на високо ниво.

„На денешната средба на Претседателот Иванов со комесарот Фуле, се разговараше за претстојниот извештај на ЕК за напредокот на Република Македонија, чекорите во процесот на преговори во рамки на Пристапниот дијалог на високо ниво и обидите за надминување на настанатата политичка ситуација. Соговорниците се согласија дека низ отворен и искрен дијалог политичките актери треба да најдат излез од настанатата состојба, а во интерес на сите граѓани на Република Македонија“, информираат од кабинетот на претседателот Иванов.

Фуле, за време на ненајавената посета на Скопје се сретна и со премиерот Никола Груевски и лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски.

OhridNews
извор:„Макфакс“