Претседателот Ѓорѓе Иванов ги прими акредитивните писма на новиот амбасадор на Полска во Македонија, Пжемислав Чиж.

На средбата со амбасадорот Чиж, претседателот Иванов изразил задоволство од досегашниот развој на пријателските односи меѓу двете земји и плодниот политички дијалог, нагласувајќи дека постои огромен потенцијал за натамошно проширување на севкупната соработка, особено во сферата на економијата, соопшти Кабинетот на Претседателот.

Шефот на македонската држава истакнал дека Република Полска е еден од најзначајни партнери на Македонија, со која се негуваат традиционални односи на пријателство. Поддршката за членство на Македонија во Европската унија и НАТО, како и ставот за употреба на уставното име на државата, се високо ценети од страна на македонските граѓани. Претседателот изрази очекување дека Република Полска, како актуелен претседавач со ЕУ, ќе помогне во одредувањето датум за отпочнување преговори на декемврискиот состанок на Европскиот совет, нагласувајќи дека граѓаните на Република Македонија очекуваат еднаков и фер третман, како и дека ќе биде овозможено интеграциите да се движат паралелно со процесот на надминување на билатералните прашања.

Амбасадорот Чиж му ја пренел полската позиција како и ставот дека Македонија секогаш може да смета на нивната поддршка. Нагласил и дека ќе продолжи целосно да ги поддржува напорите на земјата за евро-атлантска интеграција.

OhridNews