Претседателот Ѓорге Иванов ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Финска и Шри Ланка,  Јуха Отман и  Алијар Лебе Абдул Азес.

На средбата со Отман, Иванов позитивно го оценил развојот на пријателските односи и соработка меѓу двете земји, изразувајќи благодарност за досегашната поддршка од страна на Финска за процесот на евро-интеграција на Македонија.

Двајцата се согласиле дека постои огромен потенцијал и бројни можности за унапредување на економската соработка, особено на полето на инвестициите и на заедничките вложувања, за што е потребно поттикнување на контактите меѓу деловните асоцијации, презентации на можностите на стопанствата на двете земји, организирање бизнис форуми. Двајцата соговорници разговарале и за можностите за зајакнување на билатералната соработка и во сферите на образованието, науката, културата и туризмот.

На средбата со Амбасадорот на Шри Ланка, претседателот Иванов ја истакнал потребата од унапредување на соработката помеѓу двете земји во областа на економијата, науката, технологијата, образованието, културата и други сфери од заеднички интерес.

Иванов нагласил дека Македонија е заинтересирана за сèвкупно унапредување на билатералните односи со Шри Ланка.

OhridNews
извор: Makfaks