Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, упати честитка до христијанските верници по повод празникот Воскресение Христово – Велигден.

–  Во овие празнични денови ми претставува особено задоволство и чест, на сите верници, да го честитам христијанскиот празник, празникот над сите празници, Воскресението Христово – Велигден. Посакувам и овој Велигден, вдахновени од неговата симболика и значење, да го исполниме нашето секојдневје со љубов и дарување. Нека овој голем ден донесе радост, светлина и љубов, и нека нè мотивира за градење вистински хуманизам и искрено човекољубие кон сите наши сограѓани, вели во своето обраќање претседателот Иванов.

Со честитки за празникот и премиерот Груевски.

– Да му се радуваме на Воскресението Христово и да го прославиме престојниот голем празник Велигден во духот на нашата религија и нашите православни обичаи, во семејството, споделувајќи радост, љубов и топлина. Да му благодариме на Бога за духовната сила која ни ја дава и да возвратиме со многу добри и благословени дела. Ова се денови кога се празнува љубовта и вредностите кои човекот треба да го водат низ животот. Да ги поткрепиме нашите семејства со  силна љубов и искрена верба. Да бидеме искрени пријатели и добри соседи. Да и бидеме верни на нашата земја и да се вложиме себеси за нејзин успех, за нејзин напредок, за заедничка и среќна иднина, за нови успеси, за напредна, достоинствена и модерна Република Македонија, стои во честитката на премиерот Груевски.

OhridNews