Пред 23 години, единствени во намерата да бидат свои на своето, македонските граѓани на 8-ми септември 1991 година, на нашиот трет Илинден, храбро, решително и одговорно го остварија вековниот сон на нашите предци за слободна, независна и суверена Република Македонија, се истакнува во честитката на македонскиот претседател Ѓорге Иванов по повод 8-ми Септември – Денот на независноста.
– Во изминатите 23 години доживеавме моменти на славење, но и на разочарување. Се радувавме на стекнатата независност, издржавме пред бројните искушенија и, покрај се, останавме доследни на нашиот праведен пат. Патот беше трнлив, но ни помогна да изградиме силно чувство за сопствената држава, да бидеме посилни, посплотени и поуспешни.Денес сме горди што успеавме да ја изградиме Македонија како демократска држава во која владее правото. Посветени кон остварување на нашата европска и евроатлантска иднина, ја отворивме Македонија кон светот и ја направивме меѓународно призната и почитувана, стои во честитката на Иванов.
Празникот на сите македонски граѓани им го честита и премиерот Никола Груевски, истакнувајќи дека Денот на независноста е празникот со кој се одбележува „раѓањето и се слави опстојувањето на независна и суверена Република Македонија“.
– Ова е празник кој преставува остварување и континуитет на трудот, вложувањата и пожртвуваноста на многу генерации граѓани кои живеа со мислата за слободна и самостојна држава, вели Груевски, и додава дека тоа е и денот со кој се празнува и „мудрата одлука на огромното мнозинство граѓани кои заокружија „да“ и се определија за самостојна Македонија“. Денес Република Македонија има цврсто зацртани цели и визија. Нашата најголема задача е да го подобриме животот на граѓаните, да отвораме нови работни места, и да придонесеме за економски развој и општествен напредок кој државата ќе ја направи посилна, а граѓаните посреќни и сигурни. Тоа е задача во која сите треба да придонесуваме, но и наша обврска за идните поколенија“ се истакнува во честитката на претседателот на Владата.
OhridNews