Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква, Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан и до сите верници од православна вероисповед.
-Дозволете ми, до Вас лично, до сите верници од православна вероисповед, до членовите на Светиот архијерејски синод и до целото свештенство и монаштво, да упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици. Одбележувајќи го денот, на кој според преданијата Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан, го славиме крштевањето како една од светите тајни на христијанството. Чествувајќи го празникот на осветувањето на македонските води ја славиме традицијата на нашите предци која во себе ја содржи тајната која ни упатува дека преку покајание, љубов и добрина ја зацврстуваме верата. Симболиката на чистината на водата и повторното духовно раѓање претставува повторно живеење во верата, пишува во честитката на Иванов.
Честитка до г.г. Стефан и православните верници упати и претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.
-Христовото крштевање е голем настан кој ја рашири Божествената тајна со која се осветуваат водите, а со тоа и нашето духовно раѓање и нашата блискост до Бога. Богојавление – Водици го симболизира зачетокот на човековото живеење во верата и прочистување на неговата душа. Големиот христијански празник да продолжи да ни биде извор на потребната сила со која ќе ги издржиме сите предизвици и искушенија, и ќе ја продолжиме вековната традиција на зацврстување на христијанството. Нашите мисли секогаш да бидат насочени кон добрина и обединување на луѓето, со што ќе овозможиме среќен и благодетен живот. Денес, православните христијани во Македонија го одбележуваат крштевањето на водите и го продолжуваат патот кон почитување и залагање за вистинските вредности, разбирање со блиските и чување на духовното наследство, се вели во честитката на Вељаноски.
OhridNews