Иванов на младите лидери им порача да ги искористат знаењата и пријателствата стекнати за време на десетдневната школа, нагласувајќи дека сертификатите кои им ги врачува ќе им послужат во нивниот иден професионален ангажман.
– Живееме во време со многу предизвици. Ни требаат луѓе не само што ќе имаат знаење, туку и ќе имаат храброст, затоа што храброста е она што ја носи среќата. Не може човек да е среќен ако не е храбар. Сите сте поминале низ различни облици на образование, различни универзитети, сите имате животно искуство, но се надевам дека она што тука го стекнавте ќе изврши некоја промена врз вас и врз оние околу вас, рече Иванов обраќајќи им се на присутните на свеченоста.
Иванов ја нагласи потребата од луѓе, лидери во сите области на живеењето.
– Не само луѓе во политиката, потребни ни се лидери и во образованието, во културата, во уметноста и во спортот, насекаде. Ни требаат оние храбри луѓе кои ќе предводат и кои ќе го отворат патот. Луѓе кои ќе ги имаат сите вредности што ги совладувавте во текот на оваа краткотрајна обука, од која на крајот ќе сфатите дека желбата за моќ доаѓа и си оди, тоа е минливост, но вистината и праведливоста се вечни и остануваат. Потрагата по вистината и по праведливоста е она што ќе ве принудува во животот да правите добри дела. Доколку после оваа обука ќе успеете да донесете радост на макар еден човек, оваа мисија е успешна. Македонија заслужува вакви лидери, и ние сме горди што успеавме да придонесеме да бидете уште подобри. Младите луѓе го менуваат светот, ние сме тука само да им го покажеме патот, рече претседателот Иванов.
Четириесетината млади луѓе од Македонија имаа можност во текот на изминатите десет дена да слушаат предавања, да разменат мислења и да дискутираат со околу 30 предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, политичари и парламентарци од европски земји, претседатели на успешни компании и бизнис-групации.
Одржувањето на Школата го поддржаа повеќе приватни компании, како и од фондациите „Конрад Аденауер“ и „Фридрих Еберт“.