Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов , донесе одлука со која го именуваше Зоран Иванов за нов директор на Агенцијата за разузнавање, кој доаѓа на местото на Наќе Чулев, чиј мандат заврши.

Како што информираат од кабинетот на претседателот, Зоран Иванов досега ја извршувал функцијата началник на военото разузнавање во рамки на службата за воена безбедност и разузнавање. Тој е професионален кадар на Министерството за одбрана и активен воен персонал со борбено искуство во извршување на операции во земјата и меѓународните одбранбени мисии во странство. По завршување на воената академија во Скопје е поставен на должност во батаљонот за специјални операции и е учесник во конфликтот во 2001 година. Одликуван е со медал бронзена ѕвезда за храброст од департментот за одбрана на САД за извршување на должност командир на воениот контингент и вршење на специјални операции и поддршка во Ирак во 2006 година. Има завршено и магистрирано на колеџот за команда и генералштаб во Форт Левернворт, САД, а докторирано на Институтот за националната историја на Република Македонија. Од 2009 година е началник на военото разузнавање. Покрај борбеното искуство, специјалист е за специјални операции и психолошко војување.

Досегашниот директор, Наќе Чулев продолжува да биде дел од професионалниот состав на Агенцијата за разузнавање и во соработка со новоименуваниот директор ќе ги продолжат отпочнатите процеси за трансформација на Агенцијата за разузнавање, чија мисија е собирање на податоци за информирање во одбрана на државата, заштита на националната безбедност и остварување на интересите во странство на Република Македонија.