На 11 декември 2016 година се одржаа слободни, фер и демократски избори, кои беа поздравени од сите страни. Но, наместо излез од кризата и фокусирање на итните реформски приоритети, ние повторно се најдовме во длабока политичка криза. Имено, по изборите, три од четирите парламентарни партии на етничките Албанци во Република Македонија, со 18 од вкупно 120 пратеници во Собранието, под покровителство на премиерот на Република Албанија, Еди Рама и неговиот министер за надворешни работи во Тирана создадоа платформа за Албанците во Република Македонија, стои во писмото кое претседателот Ѓорѓе Иванов го упати до членовите и претседателот на Европскиот совет, Генералниот секретар на НАТО,  до претседателот на Соединетите Американски Држави,   Доналд Трамп и до претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган.

– Тиранската платформа стана предуслов за формирање Влада на Република Македонија. Платформата е постизборен документ усвоен во туѓа држава во кабинет на странски државник и со посредство на премиер на туѓа држава. Со оваа платформа се загрозува сувереноста и независноста на државата, доведувајќи ја Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава. Реализацијата на платформата подразбира промени во Уставот на Република Македонија со кои би се загрозил унитарниот карактер на државата. Платформата го нарушува Охридскиот рамковен договор, кој ги регулира односите на етничките заедници со државата Република Македонија и нивните меѓусебни односи. Во спротивност со Охридскиот рамковен договор, платформата е дискриминаторска кон другите етнички заедници, бидејќи приоретизира само една заедница. Оваа платформа од Тирана дополнително ја дестабилизира внатрешнополитичката состојба и ги зголемува меѓуетничките тензии во Република Македонија, се наведува во писмото на Иванов.

Претседателот додава дека со начинот на кој е донесена платформите и со изјавите на официјалните претставници на Албанија и Косово, негативно се одразуваат на меѓусоседските односи и се врши дестабилизација на регионот на Западен Балкан.

– Оваа платформа, нас нè доведе во застој од кој е тешко да се излезе бидејќи има ултимативен и уценувачки карактер, вели Иванов.

Иванов во писмото ја објаснува и својата одлука да не му го додели мандатот на Заев, поради што станува збор за платформи на други држави со кои се уценува македонскиот народ, се загрозува унитарноста на државата, нејзиниот суверенитет и независноста.

– Како претседател на Република Македонија, моја уставна должност е да ги почитувам Уставот и законите и да ги штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија. За сите овие нешта лично ги информирав комесарот Хан и високиот претставник, Могерини. Од нив побарав јавно и јасно да ја осудат и да ја отфрлат платформата како чин на мешање во внатрешните работи на суверена држава и како документ што дополнително нè дестабилизира и изложува на внатрешнополитички, меѓуетнички и можни геополитички влијанија. Ќе повторам дека овој документ кој е ултимативен и уценувачки го суспендира и Договорот од Пржино во кој Европската Унија го вложи сиот свој надворешнополитички кредибилитет, вели Иванов во писмото.

Според него осудата и отфрлањето на овој документ е единствен начин за излез од, како што вели, безизлезната состојба во која се наоѓа земјата.

– Барам со внимание да ја разгледате вистинската реалност со која сме соочени и да се заложите оваа штетна платформа да биде јавно отфрлена и осудена од страна на Европската Унија и НАТО и нивните земји членки. Очекувам да го осудите флагрантното мешање во внатрешните работи на Република Македонија од страна на два нејзини соседа – аспиранти за полноправно членство во Унијата. Конечно, очекувам да испратите силна порака до нашиот геополитчки ранлив регион за неповредливост на границите на Балканот и да ја реафирмирате европската и евроатлантската перспектива на земјите од регионот. Отсуството на јавна осуда на платформата од Тирана од страна на меѓународната заедница само ќе охрабри слични обиди во нашиот, но и во други региони во Европа со сложена етничка, религиска и јазична реалност, се наведува во писмото на Иванов.

OhridNews