„Голем е бројот на оние кои со години нè негирале, ни го проблематизирале името, идентитетот, јазикот. Не ми е јасно како некој сè уште не може да го види тоа што е толку јасно и очигледно, тука сме, постоиме, знаеме кои сме и што сме, и светот нема проблем со тоа. Никој и никогаш, со ништо, нема да може да му наштети на нашето уставно име, нашиот идентитет, на тоа што сме. Не ни треба ни признание, ни потврда за тоа што сме. Сме биле и ќе бидеме Македонија. Сме биле и ќе бидеме Македонци. Оспорувањата и негациите не можат да го сменат тоа. Ќе ги реализираме целите. Ќе имаме членство и во Европската унија и НАТО. И таму ќе бидеме тоа што сме. Друга опција не постои“ рече во својот говор Иванов и додаде дека жестоко ќе реагира ако и во овогодинешниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија не биде употребена придавката „македонски“.
Претседателот се осврна и на дискусијата која се води за историјата на македонскиот народ и за разните погледи и толкувања врз неа. За него оваа дискусија е подобро запознавање со минатото, имајќи предвид дека многуличности, настани и цели и епохи, кои живееле во нашата колективна свест, сепак ни биле скратувани или преработувани во согласност со актуелните потреби низ годините.
„Затоа сметам дека е добро што имаме отворена дискусија и нов пристап-еднакво и целосно празнување и славење на сите личности и настани, кои тоа објективно го заслужуваат. Делото на хероите од древното минато, од средновековието, од годините на националните борби во 19 век, на борците од 2001 година, може да се одбележува слободно и со тоа, воопшто, не се намалува или поткопува славењето на хероите на НОБ“ рече Иванов.
На академијата се обрати претседателот на Здружението на борците од НОВ, Тодор Атанасовски. Тој во својот говор потсети на војната од 1941 до 1946 година во кој истакна дека Македонија меѓу првите земји се приклучила кон победничките сили.
„Спомениците од НОВ не произведуваат антагонизам, па тие да бидат сквернавени, туку тоа се паметници на една заедничка борба меѓу Македонците, Албанците Србите, Власите и Турците“ вели Атанасовски.
Атанасовски потсети и на денешните времиња, дека цврсто треба да се застане против неофашизмот бидејќи тој може да ги загрози цивилизациските придобивки.
На свечената академија присуствуваше премиерот Никола Груевски, поранешниот претседател и лидер на опозициската СДСМ, Бранко Црвенковски, претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, поглаварот на МПЦ. г. г. Стефан, пратеници и амбасадори. Од албанскиот политички блок, немаше претставници, освен Абдурахман Алити од ПДП.
извор:„Макфакс“