Доколку по втор пат ја добие довербата од граѓаните, актуелниот шеф на државата Ѓорге Иванов, на предизборниот митинг што вечерва се одржа во Струга, вети дека ќе продолжи како и до сега посветено да работи на евроатлантските интеграции на земјата, ќе се залага за изнаоѓање решение за спорот со името со Грција, кое нема да го загрози идентитетот на македонскиот народ, а посебен акцент ќе стави на економијата и можностите за искористување на европските фондови во насока на отворање на нови работни места. 

Пред стружани тој истакна дека принципиелно ќе ги брани традиционалните вредности и соживотот во државата кој, како што нагласи, заеднички треба да го градат сите, а не само една заедница.
 
-Во мултиетничкиот соживот ако претходната деценија беше деценија на права, втората деценија е деценија на права и обврски. Законот мора да важи подеднакво за сите без разлика на етничката, верската или друга припадност. Само така граѓаните можат да ја почувствуваат слободата и да ја уживаат безбедноста за да работат и да имаат квалитетен живот. Како претседател го бранев и ќе го бранам државното единство во Република Македонија. – истакна кандидатот за претседател на коалцијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО ДПМНЕ, Ѓорге Иванов.

Пред граѓаните на Струга се обрати лидерот на ВМРО ДПМНЕ Груевски. Тој изрази увереност дека граѓаните и на овие избори ќе му ја дадат поддршката на кандидатот на владејачката коалиција бидејќи, како што рече, тој за разлика од политичкиот ривал од опозицијата во минатото покажал и докажал како се бранат државните и национални интереси.

-Тој е првиот претседател кој што излезе со програма на избори и кој што се држеше до таа програма и кој што даде отчет за тоа што било сработено. Денеска гледаме дека неговиот противкандидат нема никаква програма само знаеме од неговото кажување дека ќе го решел спорот за името зад затворени врати и дека сме требало да нудиме нон стоп решенија за името јавно како што тоа го правеше неговиот политички ментор Црвенковски. Таков претседател на и треба на Република Македонија.-рече Груевски.

Груевски во својот говор најави поголема застапеност во партиските стуктури и во политичкиот и општествениот живот на Македонците муслимани од струшко и другите краеви во државата, посочувајќи дека тоа нема да биде условено со добивање гласови на претстојните избори.

OhridNews