Младите кои се образуваат на техничките факултети каде се стекнуваат знаења кои денес се меѓу најбараните во светот, се иднина на нашата земја и затоа  државата треба да води многу поголема грижа за нив. Ова беше истакнатао на доделувањето на признанието „Инженерски прстен 2012“ на најдобрите дипломирани студенти на инженерските факултети, што по деветти пат се одржа на Плаошник во Охрид.


Признанијата на 12 најуспешни студенти им ги врачи претседателот Ѓорѓе Иванов кој истакна дека човечките ресурси се клучниот фактор за побогата и попросперитетна Македонија и во нив мора постојано да се вложува.

-Македонските умови се барани и успешни во светските центри. Преку нив ние сме дел од светското знаење. Но, тоа знаење треба да се врати и да се искористи за добро на нашата земја. Оттука, не смее да се дозволи постојан одлив на најуспешните студенти. Нивната иднина треба да биде во Република Македонија. За таа цел треба да обезбедиме респектабилни институции, компании, центри во кои младите луѓе ќе можат да ги искажат своите знаења и квалитети, рече Иванов.


Претседалот на Инженерската асоцијација на Македонија Александар Димитров, истакна дека Македонија е мала земја но има луѓе со вистински идеи и способности кои умеат и можат да придонеат за нејзиниот развој.

– Живееме во ера на пронајдоци во сите области а овој напредок е највоочлив во полето на техничките и природните науки. Кај овие науки можеме да го следиме брзиот прогрес кој со секоја нова генерациј станува  позавидлив и понапреден. Ако некогаш пренесувањето на нови информации и знаења било ограничено и отежнато, денес тоа не е случај, токму благодарение на инженерите кои секојдневно работат во пронаоѓање на нови начини и можности во насока на олеснување на нашиот живот, рече Димитров.


Најдобрите дипломирани студенти од техничките факултети истакнаа дека добиеното признание претстатвува признание и привилегија за секој дипломиран инженер и поттик за понатамошни успеси. Тие сметаат дека можат да и помогнат на Македонија, а голем дел од нив веќе отпочнале надградба на свето знаење во светските научни центри.

-Иднината на еден инженер со квалитетни предиспозции ја гледам не само во исполнување на инженерските задачи, туку и во личност која што ќе е претприемач и ќе отвара нови работни места. Секако пред се е желбата да и се помогне на Македонија, но не значи дека ако работиме надвор оти не можеме да и помогнеме на оваа земја, изјави Бојан Пеливановски дипломец од Градежниот факултет.



На Плаошник доделени признанијата „Инженерски прстен“
на најдобрите студенти од техничките факултети

Г.М.