Изразувам огромна благодарност за поддршката која ни ја дадовте на овие избори, која е најава за двојна победа на 27ми април кога ќе се одржи вториот круг од претседателските и предвремените парламентарни избори. Ова на прес конференцијата што се одржа во партиското седиште на ВМРО ДПМНЕ го изјави кандидатот за претседател Ѓорге Иванов, кој како што истакнаа од владејачката коалиција по првиот круг од изборите за шеф на државата има предност пред кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски од 118.000 гласови.
-Оваа поддршка ни дава сила да продолжиме и натаму со цврста определба во реформите и делата кои ќе продолжат да се реализираат за доброто на сите граѓани. Денеска имавме фер, мирни и демократски избори како што и доликуваат на Република Македонија. Но денес македонските граѓани имаа избор да донесат одлука која од понудите што беа на изборите ќе ја одберат, да одберат кој ќе продолжи да работи на нивната иднина. Денес граѓаните во огромно мнозинство донесоа одлука да продолжи нашиот концепт, концепт на перманентни реформи, на цврсто даден звор и држење до зворот, концепт на тимска работа, на чесност и патриотизам, на отварање на нови работни места и силни инвестиции.-рече Иванов.
Тој истакна дека народот знае да направи разлика помеѓу претседателските кандидати, додавајќи дека на 27ми април граѓаните ќе одговорат на уште едно прашање со уште поголема поддршка.
-На 27ми април ќе се случи двојна победа на ВМРО ДПМНЕ која според она што можевме да го видиме денес можеме со сигурност да кажеме ќе донесе 62 мандати.-додаде Иванов.
OhridNews