Претседателот Ѓорге Иванов во петок не се сретнал со професорот Борче Давитковски, но најави дека во текот на следната недела ќе го повика на средба за да ги дознае причините зошто сака да поднесе оставка од местото претседател на Комисијата формирана да ги истражи собраниските настани од 24 декември, пренесува „Макфакс“.
Претседателот за денеска имал закажано други обврски, па затоа не го примил Давитковски. Иванов смета дека Комисија која требаше да ги расчисти инцидентите од 24 декември функционирала добро и не знае што се случило.
Давитковски во четврток најави дека ќе поднесе оставка од функцијата поради тоа што не успеал да обезбеди мнозинска поддршка од членовите за препораките и заклучоците што ги подготви во соработка со двајцата експерти од Европската Унија.
Неговите препораки предвидуваа одговорноста за инцидентите да биде поделена и тоа власта да биде одговорна за исфрлањето на новинарите и пратениците од собраниската сала, а опозицијата да биде одговорна за блокирањето на работата на Собранието.

OhridNews
извор:„Макфакс“