Се додека не бидат отстранети правната и политичката пречка не можам да го доделам мандатот за составување на владата, вели претседателот Ѓорге Иванов во интервју за унгарската државна телевизија МТВА. Политичкиот проблем, односно тиранската платформа, според Иванов, е посуштествениот. “Мнозинството беше обезбедено со уцена – да биде прифатена платформа на партии на Албанците од Македонија која е донесена во Тирана, во кабинетот на премиерот на Албанија”, вели Иванов.

Македонскиот претседател објаснува дека неговата одлука е превентивна, со цел да не се создадат уште поголеми проблеми. “Видовме дека средства од американските државјани, од даночните обврзници на САД, се префрлани во фондацијата која го носи името на Сорос и се користеле дури и за насилни акции. Една од нив беше и палењето на Народната канцеларија. И без грижа на совест тие тврдат дека тоа било протест, односно начин на делување на таквите организации”…”Ќе ги видиме резултатите какви ќе бидат, и од истрагите и од постапките и од отворањето на таа тема”, вели претседателот.

Најголем проблем на Македонија, според Иванов, е што странските фондации го етнизираа цивилното општество и го поделија населението по етничка основа.
“Има многу невладини организации кои навистина ги отвораат прашањата, проблемите и предизвиците со кои се соочува населението. И од нив имаат корист и населението и Владата и сите. Но, имаме и невладини организации кои едноставно се во функција на манипулација, притисок и отворање прашања кои не се од интерес на нашите граѓани”, подвлекува Иванов. Во недостаток на европска идеја, вели Иванов, луѓето повторно влегуваат во гета, и сакаат да бидат само со своите, а не со другите. Тоа го гледаме преку изјавите што ги има во последно време од одредени политичари од Балканот, кои повторно ги будат етничките нетрпеливости, стереотипи”. Тој смета дека во таква ситуација, наместо земјата да се занимава со реформи, наметната е платформата на албанските партии.

“Европската унија ја испушти шансата да ги осуди таквите гестови и таквите политики кои сега земаат замав и се шират. Исто така не очекувавме ниту од НАТО да премолчи, што нејзина членка презентира такви проекти и доаѓаат такви изјави од политичари на тие земји. НАТО мораше да реагира и да го спречи, бидејќи еве сега тоа станува како домино. Почнува да се шири во другите земји, се враќа реториката која што е несоодветна за денешно време, се враќаат повторно големонационалистички идеи и проекти и тука состојбата е вознемирувачка. Затоа, населението реагира. Особено кај нас, нашето население јавно тоа го искажува преку мирни и достоинствени протести дека не е веќе време да се отвораат тие рани кои што мислевме дека сме ги затвориле со завршување на конфликтите на Балканот, со Дејтонскиот договор, со Охридскиот договор. Чувствителна е сета оваа атмосфера која што во последниве денови е во целиот регион. А тоа го користат и други актери кои се надвор од Европската унија и НАТО, кои што сакаат да имаат и свое влијание на овој простор”, зборува Иванов во интервјуто за унгарската државна телевизија.

OhridNews
извор Макфакс