Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во Вила Билјана во Охрид, оствари средба со Претседателот на Република Албанија, Бујар Нишани.


Ова е прва неформална средба на двајцата претседатели, а во функција на одржување на претходно воспоставената динамика меѓу Македонија и Албанија за редовни средби на највисоко ниво.

 Во фокусот на разговорите меѓу претседателот Иванов и претседателот Нишани беа досегашните билатерални односи и областите во кои постои неискористен потенцијал за зајакнување на соработката.

Заемна констатација беше дека политичките односи меѓу двете земји се на ниво кое овозможува целокупната енергија и капацитети во иднина да бидат фокусирани на развојот на економската соработка, инфраструктурното и енергетското поврзување, прекуграничната соработка, развој на туризмот, соработка во борбата против организираниот криминал, во сферата на културата и заштитата на културното наследство, како и во сферата на заштита на животната средина.

Претседателот Иванов ја потврди заложбата на Република Македонија за продолжување и натамошно развивање на добрососедските односи по пат на отворен дијалог.

Во однос на заедничката стратешка цел – членство во Европската Унија, двајцата претседатели се согласија дека евроинтеграцијата на државите од Западен Балкан е од суштинско значење за регионалната стабилност и развој, и ја потврдија заемната поддршка на овој план. Во таа насока беше разменето мислење за реформите кои двете држави ги спроведуваат, како и за очекувањата во претстојниот период. Претседателот Иванов, изрази благодарност за досегашната поддршка за членството на Македонија во НАТО, како и очекување истата да продолжи и во иднина.

 Двајцата претседатели на средбата разменија мислење и за актуелните прашања во регионот, споделувајќи го ставот дека сите спорни и отворени прашања треба да се решаваат преку дијалог и меѓусебно почитување. Унапредувањето на билатералната и интензивирањето на регионалната соработка, треба да бидат алатки со кои ќе се афирмира новата реалност во регионот, наспроти перцепциите востановени во минатото, нагласи претседателот Иванов. Тоа значи негување на добрососедски односи, соработка и заемна поддршка во евроатлантските интеграциски процеси и јакнење на сферите на соработка од кои конкретна корист ќе имаат граѓаните на сите земји во регионот. Македонскиот и албанскиот претседател се заложија за натамошна соработка и поддршка и на мултилатерален план.

Претседателот Иванов ја прифати поканата за посета на Република Албанија во блиска иднина, која воедно ќе овозможи поврзување на бизнис заедниците од двете земји.

И двајцата претседатели изразија задоволство од првата средба, оценувајќи ја како успешна, со заедничка заложба и натаму заедно и посветено да работат на зајакнување на врските помеѓу граѓаните на Република Македонија и Република Албанија и на заедничката иднина во рамките на Европа, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот Ѓорѓе Иванов.  

OhridNews
фото:„МИА“