2016 беше ужасна година во која најсилно ги почувствувавме последиците на двојните стандарди, непочитувањето на меѓународното право, на пропаднати држави и општества, истакна претседателот Ѓорге Иванов во говорот на традиционалниот новогодишен прием за дипломатскиот кор во земјата во Струга. Кусо осврнувајќи се на домашната криза, Иванов изрази очекување дека политичките партии во постизборниот процес ќе ги имаат предвид интересите на државата.
–Нема да зборувам за политичката криза во Македонија. Само ќе кажам дека очекувам политичките партии во постизборните преговори да водат сметка за државните интереси на Република Македонија и за националните интереси на македонскиот народ. – истакна Иванов.
Зборувајќи за предизвиците во годината што започна, Иванов предупреди на опасностите од ескалирање на мигрантската криза и злоупотреба на бегалците за дестабилизирање на државите . Во услови кога ЕУ се соочува со бројни предизвици, а другите меѓународни организации се бликирани на регионот му е потребно стратегиско свртување кон внатре, истакна Иванов, упатувајќи критики за јавните настапи на одредени политичари од опкружувањето кои, како што рече, не соодветствуваат на времето во кое живееме и опасно ја загрозуваат стабилноста на Балканот.
– Иако не заслужуваат коментар, сепак, ќе кажам дека отварањето на старите рани и мешањето во внтарешните работи на државите може да ги загрози добрососедските односи. Наместо енергијата да ја трошат занимавајќи се со слабостите на другите држави, некои лидери од соседството подобро е најпрво да се свртат кон слабостите во сопствените држави. Граѓаните ги избрале да ги решаваат нивните, а не проблемите и предизвиците на другите држави. Како регин ние едноставно немаме време да се бавиме со ретроградна реторика од 19 век со покажување мускули и неконструктуивни чекори што не соодветствуваат на третиот милениум. – рече Иванов.
Од име на дипломатскиот кор, на приемот се обрати амбасадорот на Русија во Македонија Олег Шчербак. Тој посочи на опасностите кои му се закануваат на светот доколку одредени состојби не се променат.
-2016 година беше тешка и болна година за светската заедница. Хроничната недоверба, непочитувањето на меѓународното право, двојните стандарди го дефокусираа светот од вистинските предизвици, меѓународниот тероризам, нелегалната трговија, големите разлики помеѓу богатите и сиромашните, климатските промени и глобалната нестабилност. – подвлече Шчербак.
Традиционалниот новогодишен прием за дипломатскиот кор во Македонија во организација на претседателот Иванов, оваа година се одржа по осми пат.
Г. Момироски