Да се престане со дневно-политичките поделби!- повика претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов. Во говорот што го одржа синоќа  на свечената академија во Македонската опера и балет по повод одбележувањето на државниот празник 23-ти Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, шефот на државата повика на национално обединување.

– Само единствени и обединети околу стратешките цели ќе истраеме на нашиот пат. Пат кој води до целта која ги обединува  граѓаните на Република Македонија, независно од нивната верска, етничка или политичка припадност. Само заедно ќе успееме да ја оствариме нашата историска мисија. Просперитетна, посреќна, побогата и посплотена европска Македонија.-рече претседателот Иванов на свеченоста на која присуствуваа премиерот Никола Груевски, министри, пратеници, претставници на верските заедници и на  дипломатскиот кор.

Во своето обраќање Иванов  посочи дека  ниту еден државен празник не е празник само на една политичка партија, ниту само на една вера или етникум и дека сите национални  празници го симболизираат континуитетот на македонскиот стремеж кон слободата.

OhridNews